Домашна пита со грав и потпечени кори, по прилепски рецепт
Во прилепскиот крај еден од најпознатите специјалитети е питата со грав, а рецептот се пренесува од колено на колено.
Оваа домашна пита се прави вообичаено во студените месеци.
Таа е специјалитет кој ќе ве воодушеви - дури и да не сте љубител на грав.
За нејзината подготовка ќе ви треба подолго време, барем 4-5 часа од почетната подготовка, до моментот додека да ја испечете.
Но, вкусот не може да се спореди со вкусот на ниедна друга пита, па ќе ви биде мило што барем еднаш сте решиле да ја подготвите.
За тестото:
- 1/2 коцка квасец (околу 20g) да стаса со 1 лажица шеќер и малку млака вода
- 1kg брашно
- Сол по вкус
- 1,5 лажица шеќер
- 300ml вода за замесување (по потреба се додава за тестото да биде средно меко)
- 100ml зејтин
Фил за питата:
- 800g грав
- 2 кромида
- Вегета
- Масло за готвење
- Бибер по вкус
Начин на подготовка:
- Кромидот се сечка на тенки резанки и се вари заедно со гравот.
- Во смесата се додава масло (отприлика), бибер и вегета. Гравот треба да биде посолен отколку вообичаено.
- Додека се вари гравот се прави тестото за коричките. Брашното се става во сад за замесување, па се става млаката вода, стасаниот квасец, солта и маслото.
- Се меси за да се добие мазна смеса, па се остава да скисне (за да се удвои тестото).
- Тоа се дели на топчиња (колку што сакате да има корички, но нека биде меѓу 10 до 12).
- Две топчиња се тргаат на страна, а останатите се расукуваат во тркалезна кора (по можност голема колку што е големината на тавата во која ќе се пече питата).
- Корите се печат една по една во загреана рерна, директно на дното на шопретот, а не во тава.
- Кога кората ќе се запече (зарумени) од едната страна, се превртува на другата, но треба да ја извадите пред да стане препечена.
- Од останатите две топчиња, првото се расукува за да направи подлога за питата, односно оваа расукана жива кора се става најдолу во тавата за печење, која е претходно подмачкана со масло и набрашнета.
- Оваа кора треба да е малку поголема од тавата (да ги покрие рабовите и да се префрли преку нив).
- Кората се попрскува со малку масло, а потоа врз неа се ставаат 3-4 лажици грав и се распоредуваат убаво на дното (не треба целата кора да е посипана со грав, туку да се распореди трамномерно смесата што сте ја ставиле).
- Врз гравот се става првата потпечена кора, па се премачкува со масло, а потоа се ставаат 3-4 лажици грав.
- Постапката се повторува до послесната потпечена кора и најгоре се реди грав. Кога ќе се наредат сите кори, се расукува второто останато топче и со втората жива кора се покрива питата.
- Оваа кора се премачкува со масло и се дупчи со нож на повеќе места за да може да „дише“ додека се пече и топлината полеснно да поминува низ корите
- Питата се пече на 250 степени најмалку час и половина.
Забелешка: Температурата може да ја намалите зависно од тoа како ви пече шпоретот, а времето за печење да е малку подолго од час и половина.
Уште неколку фотографии од постапката и готовата пита:
А. Ј. | Црнобело