Едноставни пијалаци на база на вода кои го одржуваат нашиот организам здрав
Една чаша вода е добар пријател на здравјето на нашиот организам, а доколку во нејзе се додадат некои зачини или парчиња овошје, тогаш дејството е уште посилно.
Со додавање на ѓумбир, цимет, лимон, нане, можете да направите моќен и здрав пијалак кој освен што го чисти организмот од токсини, го подобрува и варењето.
Ова се шест намирници кои можете да ги додадете во вашата вода, за да ја збогатите со здрави и хранливи состојки:
Свежо исцеден сок од лимон или од лимета
Лимонот и лиметата се одличен извор на витаминот Ц, кој ги неутрализира слободните радикали во телото. Исто така, го подобруваат варењето, но и ја освежуваат кожата. Доволно е половина лимон или лимета за во еден литар вода, со цел да се разреди цитричната киселина која може да ги нагризе забите. Можете да збогатите со малку ѓумбир и неколку парчиња краставица.
Листови од нане
Нането можете да го одгледувате и дома во саксија и секогаш да го имате свежо, за да можете да ги користите неговите ефекти, како што се активирање на ензимите за варење и смирување на желудочните тегоби. Додадете неколку свежи листови во шишето со вода. Можете да додадете и малку цимет или каранфилче во прав.
Каранфилче
Овој зачин има антибактериски и антигабични својства, а помага и при проблеми со дигестивниот систем. Исто така, успешно се бори и против паразитските организми кои може да се најдат во вашето тело. Во половина литар вода ставете три до пет цели каранфилчиња и оставете ги да пуштат вкус. Доколку можете да го издржите лутиот вкус, препорачливо е да ги изгрицкате зрната откако ќе ја испиете водата.
Ѓумбир
Традиционален лек против лошото варење, грчеви во стомакот и мачнини. Но, ѓумбирот има поширок спектар на дејствување. Ја подобрува циркулацијата и делува антивоспалително. Едно парче со големина на вашиот палец исецкајте го на коцки и ставете ги во литар вода. Откако ќе ја испиете водата, можете да ги изедете парчињата, но внимавајте на лутиот вкус. Можете да додадете и цимет или парчиња лимон.
Свежа краставица
Краставицата го снабдува нашето тело со доволно течности и антиоксиданси и го стимулира снабдувањето на организмот со инсулин. Доколку ставите парчиња краставица во водата, ќе добиете освежувачки пијалак благодарение на кој ќе ги отстраните отровите од дигестивниот систем.
Цимет
Циметот е одличен лек против габички и вируси, а заедно со ѓумбирот, го подобруваат варењето во дигестивниот систем. Исто така, ја подобрува циркулацијата, ги разградува маснотиите и го регулира нивото на глукоза во крвта. Парче од стапче цимет ставете во вода и оставете да отстои неколку минути, за да може да испушти доволно арома.
Дополнително, секој од овие рецепти можете да го збогатите со овошје, на пример парчиња портокал, јаболко, малини или пак, да ги комбинирате состојките меѓу себе и да создадете нов омилен вкус на вашата здрава вода.
E. Д. | Црнобело