Трендови за уредување за кои не вреди да трошите пари, според дизајнери на ентериер
Не вреди да дадете мало богатство за уникатна фотелја која нема да ја користите бидејќи не е удобна за седење.
Сите знаеме дека трендовите се менуваат од сезона во сезона, без разлика дали станува збор за облека, шминка, па дури и уредување на домот.
Но, додека е релативно лесно да се следат модните трендови, истото не може да се каже за трендовите за уредување.
Никој не реновира дома секоја сезона, па навистина е ризично да го уредите целиот дом само според некој тренд.
Причината е тоа што мебелот и декорациите за кои сте дале мало богатство брзо можат да станат демоде и да бидат заменети со нови трендови.
Поради ова, неколку дизајнери на ентериер решиле да споделат за кои трендови не треба да трошите пари, бидејќи не се практични и сигурно ќе застарат во блиска еднина.
Дел од нив во продолжение:
Доминација на црната боја
Покрај тоа што просторијата може да изгледа малку депресивно ако доминира црната боја, кога ќе сакате да направите промена, ќе ви биде многу тешко.
Воопшто не е лесно да ги варосате ѕидовите со друга боја откако ќе им ставите црна. Истото важи и за другиот мебел – практично невозможно е да го офарбате во друга боја ако е црн.
Шарени ретро елементи
Периодов доста популарни се ретро елементите со живи бои кои асоцираат на 80-тите.
Иако изгледаат навистина впечатливо, дизајнерите сметаат дека набрзо нивната популарност ќе опадне.
Покрај тоа, ретро изданијата на одредени елементи, како фрижидери, обично се поскапи од „обичните“, што значи ќе платите многу поголема сума за нешто што ќе биде хит само година-две.
А, сигурно не планирате да купувате нов фрижидер секоја година.
Отворените полици во кујната се тешки за одржување
Отворените полици можат да бидат поевтина варијанта отколку кујнски шкафчиња, но бараат и многу работа.
Имајте на ум дека со отворени полици постојано ќе треба да бришете прашина и не смеете да дозволите да бидат ни малку расфрлани бидејќи ќе го уништат изгледот на целата кујна.
Многуте растенија можат да предизвикаат проблеми
Сите дизајнери се согласуваат дека во секој дом треба да има растенија, но трендот да ја претворите собата во џунгла не е најпрактичен.
Најпрво, егзотичните растенија што се хит можат да бидат навистина скапи. Покрај тоа, ќе треба да одвојувате многу време за да се грижите за нив.
На крај, ако има многу растенија во собата, а нема добра вентилација, кога-тогаш ќе се појават проблеми со мувла поради зголемената влага.