Во домот на Марија и Сашо во Кавадарци: Стан од 75m2, со многу саксиски цвеќиња, кој од корен го преуредиле сами
Големо задоволство ни претставуваат саксиите и вазните со цвеќиња, уметничките дела, внимателно одбраните украси и многу други детали кои го комплетираат ентериерот.
Нив, во зависност од сезоната, празниците и расположението, често ги менуваме и надополнуваме.
При изборот на некое парче, или која боја да биде, дали станува збор за маса, стол, украс итн., ако од првиот момент и двајцата не бевме сигурни, знаевме дека не е вистински избор и продолжувавме на следното парче.
Многу често се случуваше некогаш да видам нешто и веднаш да знам дека е вистинскиот избор, а сопругата да не е сигурна, но секогаш ми верувала, и крајниот резултат ги исполнувал очекувањата.
Бидејќи станот го средувавме за време на пандемијата, многу работи и изведби беа отежнати, па мал дел од нив ги завршивме со помош на најблиските.
Сами го лепевме тапетот во спална, залевавме канали од подната инсталација на парното, декориравме и фарбавме ѕидови.
Целиот процес на оформување на домот претставуваше посебно доживување, каде секое ќоше, секој детаљ, внимателно беше осмислен и интерпретиран, на тој начин што ќе функционира независно, а ќе ја надополнува комплетната визија за комфорен и удобен дом.
Тешко е да издвоиме кои детали ни прават посебен мерак, но можеме да ги издвоиме модерниот дизајн на лустер поставен на класична розета, масичките со различен дизајн, огледалото од под до плафон во ходникот, комодата со ретро дизајн, фарбаните ѕидови обработени со лајсни, столната ламба со форма на зајак, преминот од еден стил во друг, наизглед неспоиво, но сепак композициски усогласено и многу мали ситници, кои си имаат посебна приказна.
Бирањето стан, разменувањето на ставовите и желбите каков сакаме да ни биде домот, разгледување страници на интернет, посетувањето на продавниците, барањето мајстори, беше возбудлив период, на кој често се присетуваме и евоцираме спомени.
Повеќе фотографии од домот на Марија и Сашо во галеријата:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело