Во домот на Марија и Сашо во Кавадарци: Стан од 75m2, со многу саксиски цвеќиња, кој од корен го преуредиле сами
- Детали
- сабота, 06 април 2024
„Неисполнетата желба за прозорци без завеси и поглед од високо, ја компензираме со убавиот распоред на станот. Се решивме за еклектичен стил, па измешавме класично и модерно. Не се потпиравме на одредени бои или материјали, одбиравме смирени нијанси и дизајни кои ќе му дадат душа на домот“, вели архитектот Сашо Спанџов.
Сашо Спанџов од Кавадарци е архитект и сопственик на бутици, а неговата сопруга Марија е правник.
Тие веќе неколку години живеат во нивниот нов дом, стан од 75m2, кој целосно го преуредиле (со туркање ѕидови и промена на распоредот на собите) откако го купиле од претходните сопственици.
За CRNOBELO.com, Сашо вели дека првичната идеја им била да купат стан на некој повисок кат за да не ставаат завеси на прозорците и да имаат отворен поглед, но дека сега не им пречи што станот е на 2-риот кат, па мора да имаат завеси, бидејќи уживаат во прекрасниот простор кој го уредиле по свој вкус.
Прочитајте ги деталите за домот на Сашо и Марија во Кавадарци:
Ревитализација и уредувањето на веќе постоечките објекти како составен дел од архитектурата, претставува голем предизвик за мене како архитект.
Затоа со сопругата одлучивме да купиме стан во кој претходно живееја домаќини чиј ентериер и организација на просториите беше според нивни потреби, а ние се потрудивме да направиме некои измени и да го приспособиме според нашите желби.
Станот од 75m2 во Кавадарци, се наоѓа на вториот кат во осумкатница, а чија конструкција од бетонски блокови беше пречка за исполнување на некои наши желби.
Таков проблем, а воедно и предизвик, беше преградниот ѕид помеѓу кујната и трпезаријата. Затоа желбата да имаме отворен пулт премина во идеја да направиме затскриено катче за брзи оброци, место за аперитив и за разговор со сопругата.
Првично, кујната беше со помали димензии и излез на балкон, но решивме да го затвориме и да добиеме повеќе простор за организирање на кујната.
Промени направивме и во пристапот кон бањата, до која претходно се минуваше преку помал ходник поврзан со остава, а преорганизиравме простор за парно и утилити, каде ги сместивме бојлерот, пералната, сушалната и сите помошни алатки за одржување на домот.
Спалните соби се комплетно изолирани со врата, а ходникот кој ги поврзува, по целата должина е организиран со плакар кој продолжува и во спалната.
Бидејќи сè уште не сме реализирани како родители, организирање и уредување на детската соба ќе претставува наш следен предизвик.
Од дневната излегуваме на тераса која најмногу ја користиме во лето, уживајќи во утринско кафе и цвеќињата кои ја оплеменуваат.
Неисполнетата желба за прозорци без завеси и поглед од високо, беше искомпензирана со максимално искористениот простор и убавиот распоред на станот.
Кога почнавме со уредување, воочливо беше дека одиме во насоки на еклектичен стил, бидејќи сакавме да измешаме класично и модерно.
Не се потпиравме на одредени бои или материјали, одбиравме смирени нијанси и дизајни кои ќе му дадат душа на домот.
Сакавме просторот пред сè да биде удобен, релаксирачки и максимално корисен, секој нареден поглед да биде различно доживување, а композициски убаво усогласено.