Совети за одгледување домашен папрат – Растение кое го прочистува воздухот (и не бара многу светлина)

Домашниот папрат е растение кое не бара многу грижа, изгледа убаво, а притоа и го прочистува воздухот. Како правилно да се грижите за него?

sovrshena-bilka-za-dom-bez-mnogu-svetlina-soveti-za-odgleduvanje-i-nega-na-soben-paprat-01.jpg

Домашниот папрат (Nephrolepis exaltata) е растение кое се одгледува како собна билка.

За него е карактеристично тоа што не бара многу грижа, погоден е за внатрешни простории во домот или канцеларии каде што нема доволно светлина, а притоа го разубавува ентериерот, но и го прочистува воздухот.

Неколку совети за одгледување домашен папрат:

Идеално место за поставување на папратот

Домашниот папрат одлично ќе преживее во простории со висока влажност како, на пример, во кујната или бањата.

Исто така, добро му одговараат и места во домот без директна сончева светлина или некаде на сенка, каде што не е блиску до провев или извори на топлина, како радијатори и греалки.

Оптималната температура за ова растение е 18-20 степени во лето и 14-15 степени во зима.

Папратите имаат најубав изглед кога светлината им доаѓа подеднакво од сите страни, па затоа често се одгледуваат и во висечки саксии.

sovrshena-bilka-za-dom-bez-mnogu-svetlina-soveti-za-odgleduvanje-i-nega-na-soben-paprat-04.jpg

Каква почва му треба на собниот папрат?

Ако се одлучите самите да засадите или да го пресадите вашиот собен папрат, тогаш препорачливо е да користите компост од тресет.

Важно е почвата секогаш да биде влажна – во летните месеци залевајте го до трипати неделно, а во зима доволно е еднаш неделно.

За уште подобар и поздрав изглед на вашето растение, од април до крајот на септември прихранувајте го на секои две недели со вода во која е додадено течно ѓубриво за лиснати растенија.

Имајте на ум дека ова растение сака висока влажност, а ако немате доволно влажност во просторијата каде што го чувате, може да ја зголемите така што ќе го засадите во пластична саксија и ќе ставите каменчиња во садот под саксијата.

Недостатокот на влажност ќе го забележите по тоа што листовите ќе станат кревки и кршливи.

sovrshena-bilka-za-dom-bez-mnogu-svetlina-soveti-za-odgleduvanje-i-nega-na-soben-paprat-05_copy.jpg

Како да го размножите собниот папрат?

Крајот на зимата и почетокот на пролетта се исклучително погодни периоди за размножување на ова растение.

Тоа се размножува на следниов начин:

  • Се вади од земја со неговиот корен
  • Се дели на два дела
  • Двата дела се засадуваат во посебни саксии

Исто така може да го засадите и од семе.

sovrshena-bilka-za-dom-bez-mnogu-svetlina-soveti-za-odgleduvanje-i-nega-na-soben-paprat-02.jpg

Што се однесува до изборот на саксија, за ова растение подобро е да изберете пластичен сад, за разлика од земјен, затоа што на овој начин подобро ќе се задржи влагата.

Интересно е тоа што папратот има својство да го прочистува воздухот. Според студија спроведена од страна на НАСА, собниот папрат е можеби најдобриот избор ако целта ви е да го прочистите воздухот во домот.

Со соодветна грижа, малку време и почитување на правилата за одгледување, во домот ќе имате прекрасно украсно растение кое не само што ќе ви го освежи домот туку ќе ви биде и прекрасна декорација.

sovrshena-bilka-za-dom-bez-mnogu-svetlina-soveti-za-odgleduvanje-i-nega-na-soben-paprat-03.jpg

М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com

Би можело да ве интересира:

Совети за одгледување импатија - цвеќе кое е совршено за балкон со малку сонце За да израснете здраво растение кое ќе ви цвета редовно, изберете место што доби...
Раскошни растенија за балкон – овозможуваат приватност и трпат сонце Покрај убавиот мирис, лавандата е одбивна за некои инсекти, а бидејќи расте како...
Совети за одгледување шефлера – цвеќе кое расте брзо и е погодно за почетници Доколку немате премногу време да им посветите на собните цвеќиња, а сакате нешто...
Одгледување сардели: Како да се грижите за нив и кога е идеалното време да ги изнесете надвор? На сарделите најмногу им одговара светло место, но да не бидат изложени директно...
Цвеќе со опоен мирис – Совети за нега на алисум, народно познат како меден цвет Алисиумот има слатка арома, слично како медот. Неговите цветови растат заедно во...
Совети за одгледување лаванда во саксија За најдобри резултати, обезбедете ѝ на вашата лаванда доволно светлина и сува&nb...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg