Бети од кочанско креирала мини рај во нејзиниот двор во Франција: „Законски сме обврзани да ја косиме тревата“
„Маслинката беше обична маслинка и јас си ја кроев вака на облаци. Шимширот го сакам затоа што ми е подарен од многу драга особа. Имам едно цвеќе „обетка“ од мајка ми. Донесов гранче, го посадив и денес е едно од најубавите растенија во дворот“ - вели за CRNOBELO.com Елизабета (Бети) Беноит Донев, Македонка која живее во Франција. Таа открива како успеала да го создаде природниот рај пред нејзиниот дом, но и кои закони важат во Франција, кога станува збор за уредувањето на дворчињата.
Елизабета Беноит Донев (47) е Македонка, која живее во градот Каен, сместен во североисточниот дел на Франција. Фотографиите од нејзиниот убаво уреден двор мамат воздишки, а вели дека за секое растение се грижи со многу љубов и посветеност.
Елизабета по потекло е од село Долни Полог, кочанско, а вели дека токму таму научила сѐ за уредувањето на дворчето и негувањето на растенија.
Таа денес работи во маркет за прехрана во Франција, а секој ден заедно со нејзиниот сопруг Кристоф посветуваат најмалку по еден час од своето слободно време за да го создадат овој вистински рај во нивниот двор.
Во интервју за CRNOBELO.com Бети ни открива повеќе детали за тоа како го уредиле дворот, но и за законските одредби во Франција што мора да ги имате на ум кога засадувате растенија.
Искуствата на Бети:
Дали би можеле да издвоите некои растенија што ви се омилени во дворот и зошто?
Сите дрвца и цвеќиња, што ги имам во двор, ми се омилени, но неколку од нив ми се малку повеќе.
На пример маслинката беше обична маслинка и јас си ја кроев вака во форма на облаци.
Шимширот го сакам затоа што ми е подарен од многу драга особа Драгана (ќерка од сестра).
Моите палми... Ах, колку ги пазам, ги хранам... Колку љубов има во нив за да бидат вакви.
Дрвото Cordyline australis исто така ми лежи на срце, а го садев со татко ми кој, за жал, веќе не е помеѓу нас.
Исто така „обетките“ (Fushsia). Поубави немам видено. Високи се над метар и половина и полни се со цветови.
Во секој случај сите растенија во дворот си ги сакам и негувам па и дури кога сами си никнуваат.
Сте посакале ли да засадите некое растение во дворот од родниот крај и ви успеало ли?
Да, имам едно цвеќе „обетка“ од мајка ми. Донесов гранче, го посадив и денес е едно од најубавите растенија во дворот.
Дали законите во вашата држава имаат некои одредувања за тоа како треба да ви биде уреден дворот?
Да, имаме закони кои не смееме да ги прекршиме. Не смееме да посееме дрвца поблиску од два метра до линијата на сопственост и не смееме да дозволиме да бидат повисоки од два метра.
Имаме предупредување од општината дека треба секој дел од дворот, што е на видик од страна, да биде среден и искосен.