Грешки при чистењето со кои го уништувате мебелот во домот
Не ги следите инструкциите на амбалажата, користите многу продукти наеднаш и користите избелувач за секакви површини.
Средствата за чистење што ни се достапни денес значително го олеснуваат чистењето на домот. Но, колку што се корисни, овие средства можат да бидат и штетни доколку не ги користите правилно.
Грешки при чистењето кои треба да ги избегнувате ако не сакате да го оштетите мебелот во домот:
Користите многу продукти
За многумина звучи логично дека користењето на повеќе продукти значи и подобри резултати.
На пример, можеби имате навика во тоалетот да користите избелувач, средство против бигор, средство против мувла, посебно средство за плочки и што уште не, мислејќи дека само така темелно ќе го исчистите.
Освен ако не станува збор за навистина запоставена просторија која не е исчистена многу долг период, обично е подобро да користите помалку продукти.
На пример, за тоалетот купете средство кое има избелувач и отстранува бигор и уште едно против мувла ако имате таков проблем.
Комбинирањето на многу средства за чистење не значи дека ќе добиете подобар резултат, а и не заборавајте дека станува збор за силни хемикалии кои можат да ги оштетат површините и мебелот во домот.
Го чистите подот со метла со тврди влакна
Обично не обрнуваме внимание на тоа какви влакна има метлата, но со ова можеме да ги оштетиме подовите.
За подовите во домот секогаш користете метли со синтетички влакна кои се помеки за да не ги изгребете.
Метлите со поцврсти влакна, пак, се одлични за погруби површини, како вашиот двор или терасата.
Користите избелувач на сите површини
Кога користите избелувач, па дури и средство кое има само малку избелувач во него, секогаш читајте ги инструкциите на амбалажата.
Избелувачите можат да имаат различна хемиска формула, но својствата им се слични – отстранување боја од разни површини и материјали.
Но, токму поради овие својства можат да остават бели дамки на некои површини, па затоа е важно да ги користите според упатството.
Користите многу оцет
Оцетот може да биде одлично средство против тврдокорни дамки, а може и да ги неутрализира непријатните мириси.
Но, избегнувајте да го користите на порцелан, камен или дрво бидејќи може да ги оштети и да остави дамки.
Користите многу вода за дрвени површни
Дрвените површини, заедно со дрвените подови, можат да се подигнат ако ги чистите со многу вода.
Затоа, ако треба да отстраните некое средство од нив, користете само влажна крпа.
Не ги следите инструкциите на амбалажата
Не само за избелувачот, туку за сите продукти за чистење треба да ги следите инструкциите.
Ако на амбалажата пишува средството да делува 15 минути, немојте да го оставате повеќе мислејќи дека така ќе биде поефикасно. Со ова само ризикувате да направите штета.
Спирова С. | Црнобело