Водич за почетници: Сè што треба да знаете ако годинава првпат фарбате велигденски јајца
Ако сте почетник на тема велигденски јајца, постојат неколку совети кои ги следеле и вашите баби, а треба да ги примените и вие.
Како да одберете соодветни јајца, како да купите квалитетна боја, како бојата да излезе како на кесичката, како јајцата да не пукнат?
Сите трикови и совети за почетниците, се во продолжение:
Прво, треба да бирате свежи и тазе јајца. Како тоа да го откриете? Ставете ги во сад со ладна, солена вода. Ако потонат, значи дека се свежи.
За да го избегнете пукањето на јајцата во текот на варењето, во водата ставете лажичка оцет.
Најдобро е јајцата да ги варите 12 минути, од моментот на зовривање на водата.
Штом ги сварите јајцата, потопете ги во ладна вода, за потоа да бидат полесни за лупење.
Пред фарбање би требало јајцата да ги исплакнете со разредено средство за миење садови, за да се отстранат сите маснотии и валкани делови. Исто така, помага и ако ги пребришете со крпа натопена во оцет.
Обоените јајца ќе добијат сјај, а боите ќе бидат поинтензивни ако по фарбањето ги премачкате со малку масло, путер или маргарин.
Јајцата кои се обоени, неизлупени и со неоштетена лушпа, а стојат неколку часа на собна температура или се неколкупати вадени и враќани во фрижидер, би требало да се изедат од 1 до 2 дена.
М. Д. | Црнобело