Колку долго преживуваат вирусите на разни површини и како правилно да ги исчистите?
Периодов веројатно сте, но и би требало да бидете попретпазливи и да внимавате на ширењето на разните вируси, вклучувајќи го и новиот корона вирус.
Сигурно ги следите и препораките за намалување на ширењето на истиот, како кивање и кашлање „во ракав“, редовно миење раце, избегнување контакт со многу луѓе.
Но што е со вирусите кои останале на површините како држачи во автобус, кваки, облека и слично?
Колку долго преживуваат вирусите на разни површини, но и како правилно да ги исчистите?
Животниот век зависи од вирусот, но и површината
Секој вирус има различен животен век на разни површини.
Според СЗО, ковид-19 најверојатно се однесува како и другите корона вируси. Од организацијата велат дека овој вирус може да преживее на тврда површина од неколку часа, па до неколку денови. Сето ова зависи од фактори, како видот на површината, температурата и влажноста на околината.
Неодамнешно истражување ги покажало следниве резултати:
- На површини направени од челик, вирусот преживува 72 часа.
- На картон, вирусот преживува до 24 часа.
- На бакарни површини, вирусот преживува до 4 часа.
Друго истражување, објавено во Journal of Hospital Infection, разгледувало 22 истражувања поврзани со корона вирусите САРС и МЕРС. Научниците дошле до заклучок дека, во просек, вирусите преживувале и до 5 дена на површини од метал, пластика и стакло, на собна температура.
Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, вирусите можеле да преживеат и до 9 дена на овие површини.
Од овие наоди станува очигледно дека сепак сè зависи од видот на вирусот и опкружувањето, па најдобро е да бидете претпазливи и редовно да правите дезинфекција.
Според Mayo Clinic, непознато е колку долго преживуваат вирусите на облека, но најверојатно, животниот век им е многу пократок на вакви површини.
Од Harvard Health, пак, сметаат дека корона вирусот има поголеми шанси да преживее на тврди површини, наместо на меки, како облека.
Едно истражување од 2015-та, објавено во полскиот весник Medycyna Pracy, не работело со вируси, туку научниците се обидувале да откријат кој материјал најлесно се „загадува“ со габи, бактерии и други микроорганизми.
Откриле дека помеките материјали, како синтетика и свила, имале помало ниво на микроорганизми, за разлика од материјалите како волна или памук. Сепак, ова не се однесува на вируси и не може со сигурност да се тврди дека важи и за корона вирусот.
Бидејќи ни експертите не се сигурни за животниот век на вирусот на меки материјали и облека, се препорачува веднаш да се пресоблечете ако сте биле излезени надвор.
Како правилно да ги исчистите површините и материјалите во домот?
Од СЗО советуваат дека ако сметате дека некоја површина е заразена, најдобро е да ја исчистите со обично средство за дезинфекција. Притоа, не заборавајте да ги измиете и рацете, а додека чистите, никако не го допирајте лицето.
Од Центарот за контрола и превенција на болести препорачуваат да се користат средства за дезинфекција со барем 70% алкохол. Притоа, тие препорачуваат редовно да се чистат предметите кои ги допирате често, како кваки, маси, прекинувачи, тоалети, чешми… Односно, предметите и површините што ги користите секојдневно.
Центарот за контрола и превенција на болести сподели и неколку насоки за правилно чистење на домот:
Површини
- Додека чистите, не заборавајте на ракавиците. Најдобро е да користите ракавици за една употреба, во спротивно, користете ги ракавиците само за дезинфекција од вирусот. А, кога ќе завршите, исчистете ги и нив.
- Пред дезинфекција, исчистете ја површината со средство или сјај, и вода.
- За дезинфекција користете средство со најмалку 70% алкохол. Од Центарот советуваат дека кое било „домаќинско“ средство за дезинфекција ќе ви заврши работа.
- Помеките површини, како тепихот, најпрво исчистете ги со правосмукалка. Потоа можете да го исчистите тепихот со средство наменето за негова дезинфекција.
Облека, крпи, навлаки и слично
- Ако чистите облека со која сте биле надвор или за која се сомневате дека е „заразена“, повторно носете ракавици. Откако ќе завршите и ќе ги извадите ракавиците, морате да ги измиете и рацете.
- Обидете се да не ја тресете облеката или материјалите. Односно, намалете ја можноста за разнесување на вирусите низ воздухот што е можно повеќе.
- Перете ја облеката според упатството на неа. Материјалите што нема да се оштетат, најдобро е да ги исперете и со повисока температура. Доколку перете облека на болна личност, секогаш перете ја одвоено од другата облека и другите материјали.
- Пред да ја закачите облеката, добро исчистете ја и сушалната, според препораките за чистење тврди површини.
- Доколку имате електрична сушална, исушете ја облеката во неа. Наводно, високата температура може дополнително да ги отстрани микроорганизмите од облеката.
- На крај, не заборавајте да ја исчистите и корпата во која стоела валканата облека.
Спирова С. | Црнобело