Челична волја: Девојче на кое му рекле дека ќе биде парализирано сега трча и танцува
Инспиративната Сиетл ги воодушевила докторите со својата неверојатна волја и желба за напредок.
Сиетл Ленокс од Канада има 9 години и е вистинско чудо на медицината.
Кога имала 15 месеци поради вирусна инфекција доживеала оштетување на 'рбетниот мозок, наречено трансверзален миелитис, и ја изгубила способноста да оди.
Парализата била предизвикана од воспаление на двете страни на дел од 'рбетниот мозок и прекин на пораките што се испраќаат до останатиот дел од телото. Докторите не верувале дека таа ќе го надмине ова и ако преживее ѝ предвидувале парализа од черепот надолу.
Но, благодарение на години терапија и челична посветеност, Сиетл успеала да стане од количката и да започне да ги прави активностите што ги прават нејзините врсници.
Таа сега плива, трча, танцува и се качува на планини.
Иако е активна повторно, страда од голем умор и слаба функционалност на мускулите, но не се откажува. Понекогаш дури и заспива на часовите од премор и мора да престане со трчање на игралиштето затоа што нема сила, додека нејзините врсници уште си играат.
Нејзината битка продолжува, а докторите ја гледаат со очи полни воодушевување, вели мајка ѝ.
Одлучна е и има волја да проба сè, дури иако понекогаш паѓа. Минува низ тешки медицински процедури и третмани, но сето тоа го прави со насмевка.
С. С. | Црнобело