Зошто подобро спиете кога не сте сами во кревет?
Првата ноќ помината во кревет со нов партнер не е никогаш лесна. Додека рацете и нозете ви трпнеат, па настапува вистинска борба околу прекривката, се прашувате дали личноста покрај вас сака да спие прегрната, или, пак, сама и оставена на мир...
Меѓутоа, како што времето полека одминува, веќе не можете ни да замислите да заспиете без саканата личност покрај себе. Најновото научно истражување под назив „Повеќе од секс“, открива дека постојат мошне конкретни причини за ваквата промена.
Истражувањето вклучувало следење на сонот кај петнаесет хетеросексуални парови. Се дошло до сознание дека сонот кај младите мажи кои спијат со своите партнерки е подолг, односно дека тие стануваат нешто покасно од вообичаеното.
Воедно, без оглед што квалитетот и квантитетот на сонот кај испитаниците не се менувал во значителна мера кога спиеле одвоено, и тогаш кога спиеле заедно со своите партнери, сепак, сите имале впечаток дека подобро се одмориле и поубаво се наспале, кога креветот го делеле со драгата особа.
Заклучокот е дека до подобро спиење доаѓа како последица на чувството на љубов, приврзаност и доверба, која вљубените парови ја чувствуваат едни кон други. Оттука, сонот покрај саканата личност е добар за психичката стабилност и чувството на опуштеност.
Резултатите ги поткрепуваат и наодите објавени од „Wall Street Journal“ во 2012 година, според кои, спиењето заедно има и здравствени бенефиции за партнерите:
„Споделувањето на креветот може исто така да ги намали цитокините, кои влијаат на имунолошкиот систем и предизвикуваат воспалителни процеси во организмот, како и да го поттикне окситоцинот, таканаречениот хормон за љубов, за кој се знае дека ја олеснува анксиозноста, a се произведува во истиот дел од мозокот што е одговорен за циклусот на спиење.“
Како што самата врска напредува, така со времето се усогласуваат и навиките во текот на спиењето на двајцата партнери.
Затоа, кога и да можете, гушнете ја својата втора половина, и додека заедно тонете во сон, посакајте си добра ноќ и убави сништа.
М. А. | Црнобело