Зошто не треба да заспивате пред телевизор?
Светлината во текот на ноќта го намалува нивото на мелатонин, што, пак, е поврзано со лош сон и зголемен ризик од дијабетес и висок крвен притисок. Неколку причини зошто не треба да заспивате пред телевизор.
Многумина секоја ноќ се пред телевизиските екрани, гледајќи го омилениот филм или серија, а неретко и заспиваат така. Дали и вам ви звучи познато?
Ако се препознавате во оваа категорија луѓе, тогаш имајте предвид дека заспивањето пред екраните не е добро за вашето здравје. Според одредени истражувања, гледањето телевизија, а притоа заспивањето со вклучен екран, може да го наруши сонот и да ги зголеми шансите за здебелување.
Една студија спроведена во 2022 година од Медицинскиот факултет на универзитет во Чикаго, надгледувала над 550 волонтери, на возраст од 63 до 84 години. Од нив било побарано да носат уреди во креветот, со цел истражувачите преку нив да го следат количеството на светлина на кое биле изложени во текот на ноќта и како тоа влијаело на нивното здравје.
Па, според оваа студија, кај лицата кои спиеле дури со мало светло во собата, постоел ризик од дијабетес, дебелина и хипертензија. Тие откриле дека оние кои спиеле со слабо осветлување – како што е од телевизор па дури и од паметен телефон, следното утро имале поголема „отпорност“ на инсулин, што влијаело на нивниот капацитет да го контролираат нивото на шеќер во крвта.
Освен тоа, светлината во текот на ноќта го намалува нивото на мелатонин, што, пак, е поврзано со лош сон и зголемен ризик од дијабетес и висок крвен притисок.
Ако се прашувате зошто е толку лоша оваа навика за вашето здравје, тогаш имајте предвид дека трите главни фактори кои го зголемуваат ризикот за срцеви заболувања се висок крвен притисок, дијабетес и здебеленост.
Бидејќи мелатонинот се „потиснува“ кога сте изложени на вештачка сина светлина, на луѓето кои страдаат од несоница им се советува повремено да ја минимизираат изложеноста на вакво светло, со цел да му помогнат на своето тело да се подготви за спиење.
Исто така, гледањето телевизија пред заспивање може да има лош ефект кај помладата популација, затоа што може да имаат кошмари од она што го гледале на телевизорот пред да заспијат. Тоа ќе доведе исто така до лош квалитет на спиење, а следното утро да се појави лошо расположение и замор.
Уште една неповолност од ваквата навика е тоа што честопати кога заспиваат пред телевизиските екрани, луѓето не се свесни за позицијата на телото. Така, може да се појави вкочанетост и болка во мускулите.
Па, сите овие фактори треба да ве мотивираат да спиете без вклучени екрани, да се опуштите и да „се одморите“ од сите тие работи пред да заминете во кревет. Напијте се вода и медитирајте пред да заспиете, па на долг рок ќе ги забележите огромните користи.
М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com