Жени кои имале рак на дојка откриваат кои симптоми ги натерале да одат на преглед
„Чувствував болка и еднаш ме разбуди среде ноќ. Мислев дека не е ништо сериозно, но направив преглед и добив дијагноза за рак на дојка“.
Ракот на дојка е еден од најчестите видови рак кај жените, но многу од нив успеале да се изборат со болеста.
Како кај секој вид рак, раната детекција е клучна за успешно лекување, па затоа е важно редовно да ги проверуваме градите.
Истовремено, треба и да ги земеме предвид искуствата на другите жени кои имале рак на дојка, особено кога станува збор за нивните симптоми.
Симптомите може да варираат и не секоја жена ќе ги почувствува истите.
Затоа, една жена која била дијагностицирана со рак на дојка, на Редит ги праша другите жени за нивните симптоми.
„Дами кои сте имале симптоми – кои биле? Јас чекав со месеци пред да одам на лекар бидејќи верував дека ракот не предизвикува болка.
Но, мене сепак ми предизвикуваше. Имав отоци и болка, но немав испакнатини на градите или некои други знаци.
Бев дијагностицирана со рак во втор стадиум. Сакам да ги слушнам вашите искуства“.
Во продолжение, дел од одговорите на жените:
„И јас чувствував болка. Се разбудив среде ноќ. Исто како тебе, мислев дека не е нешто сериозно. Во 2015 година добив дијагноза за рак на дојка“.
„Ни јас ни мојот гинеколог кој ми правеше проверка на градите не забележавме никакви испакнатини. Мамографијата која ја правам секоја година беше негативна.
Забележав промени на брадавицата, па повторно направив мамографија, но не покажа ништо. Бев скептична, па го замолив гинекологот да ме прати кај специјалист.
Специјалистот ме прегледа со ултразвук и направи биопсија и тогаш добив дијагноза“.
„Забележав бел исцедок од брадавицата, како мајчино млеко, но не бев бремена. Го игнорирав симптомот бидејќи тогаш имав менструација и мислев дека е од тоа.
Следниот месец направив мамографија. Направив и биопсија, па добив дијагноза“.
„Имав голема испакнатина и ме болеше. Мислев дека е безопасна циста, но сепак отидов на лекар.
И докторката мислеше дека е циста, но сепак ме испрати на мамографија и преглед со ултразвук. И, ми дијагностицираа рак. Ми остануваат уште 5 хемотерапии“.
„И јас ги игнорирав симптомите бидејќи мислев дека ракот не предизвикува болка. Кога ме дијагностицираа, туморот беше 10 сантиметри“.
„Чувствував екстремен замор бидејќи телото ми се борело со ракот. Бев дијагностицирана во прв стадиум и чувствував малку болка кај туморот“.
„Моето куче ме натера да се прегледам бидејќи постојано ме допираше на левата дојка со носот.
Не чувствував ништо, но сепак решив да се прегледам. Добив дијагноза за рак во прв стадиум“.
„Чувствував мал израсток во дојката, но не му обрнував внимание. Едно утро, мачката ми застана на дојката, токму на израстокот, и почувствував силна болка. Ова ме натера да одам на преглед“.
„Откако забележав мала испакнатина, неколкупати во текот на денот чувствував и слаба, но остра болка, особено навечер.
Излезе дека туморот зафатил дел од нервните завршетоци и мислам дека тоа ја предизвикуваше болката“.
„Немав никакви израстоци, но во јануари почнав да чувствувам слаба болка под пазувите и на едната дојка. До април, почнав да забележувам крвав исцедок од брадавицата.
Тогаш почнав да се сомневам. Веднаш направив мамографија, а следниот ден и биопсија. Бев дијагностицирана со рак во втор стадиум“.
Спирова С. | Црнобело