Симптоми на цисти во јајници кои се знак дека треба да одите на гинеколог
Болка во стомакот кога немате менструација, но и болен сексуален однос – Кои се знаците дека можеби имате циста во јајникот и дека е најдобро да се консултирате со гинеколог?
Цистите во јајниците се како ќесички исполнети со течност и можат да се наоѓаат внатре во јајникот, или на неговата површина.
Цистите се честа појава и во повеќето случаи се безопасни. Се повлекуваат сами до себе, во период од неколку месеци, и можно е жената да не ни почувствува симптоми.
Но, од друга страна, постојат и цисти кои се посериозен проблем и кои можат да „пукнат“. Ова, пак, може да води до посериозни проблеми со здравјето.
Затоа, важно е секоја жена да биде свесна за симптомите што ги предизвикуваат цистите кои имаат потенцијал да создадат проблем.
Шест симптоми кои се знак дека треба да одите на гинеколог:
Болка во стомакот
Болката во долниот дел од стомакот е нормална појава за време на менструација, а кај некои жени – и за време на овулација.
Но, доколку чувствувате болка и во другите денови од месецот, особено само на едната страна, можно е да станува збор за циста во јајникот.
Подуеност
Подуеноста е проблем со којшто сме се соочиле сите.
Сепак, ако одеднаш ви се јавува овој симптом, без навидум никаква причина, можно е да станува збор за циста.
Чувство на притисок во областа на стомакот
Ако имате голема циста, можно е да чувствувате некаков притисок во долниот дел од стомакот., нешто слично како кога ви се оди во тоалет.
Ако ова чувство не поминува и откако ќе отидете во тоалет, добро е да се консултирате со лекар.
Болка на други делови од телото
Покрај болката во стомакот, во некои случаи цистите можат да предизвикаат и болки во другите делови од телото.
Можно е да се јави зголемена чувствителност во градите, како и болка во нозете и долниот дел од грбот.
Проблеми со одење во тоалет
Друг проблем кој може да се јави кај некои жени се тешкотиите при одење во тоалет, како констипација.
Кај некои жени може и да се зачести потребата за уринирање.
Проблеми со половите органи
Некогаш се јавуваат и проблеми поврзани со половите органи, како болка за време на секс, посилна болка од вообичаено за време на менструација, но и крвавење кога немате менструација.
Важно е да знаете дека овие симптоми можат да бидат причинети и од други проблеми. Секојпат кога сте загрижени за вашето здравје, најдобро е да се консултирате со лекар.
Спирова С. | Црнобело