Јога вежби со кои ќе ги одморите очите од постојано гледање во екран
Денес, кога живееме во дигитална ера, нашите очи честопати се изложени на екрани, па неретко чувствуваме напор и болка. Вклучувањето на неколку јога вежби, кои се лесни за правење, ќе ви помогне да си „олесните“, најмногу додека седите на работа.
Овие пози се наменети да го ублажат напрегањето на очите, да ги релаксираат и да го подобрат нивното целокупно здравје. Обидете се, ништо нема да изгубите, само може многу да добиете!
Погледнете кои вежби за очи можете да ги направите дури и додека сте на работа:
Покривање на очите со рацете
Седнете удобно и силно тријте си ги дланките една со друга, за да ги затоплите. Потоа, ставете ги рацете над затворените очи, без да притискате силно.
Длабоко вдишете неколку пати, дозволувајќи ѝ на топлината да ги смири вашите очи.
Трепкање
Брзо трепкајте со очите околу 30 секунди. Затворете ги и оставете ги да одморат малку. Повторете го ова неколкупати со цел да ги „подмачкате“ очите и да ја намалите сувоста.
Менувајте го фокусот
Држете го палецот околу 25-30 сантиметри пред лицето. Фокусирајте се на прстот и вдишете неколку пати, а потоа префрлете го погледот на некој предмет поставен подалеку.
Продолжете да го менувате фокусот од палецот на подалечниот предмет, па обратно.
Превртување на очите
Нежно вртете ги очите во насока на стрелките на часовникот, и така направете неколку круга. Потоа префрлете се во насока спротивно од стрелките на часовникот.
Ова помага во подобрување на флексибилноста и намалување на напнатоста околу очите.
Гледање во замислена слика во форма на бројот 8
Замислете пред вас форма во бројот 8, па следете ја истата со очите, движејќи се стабилно и непречено.
Ова помага во подобрување на координацијата на очите и опуштање на очните мускули.
Гледање блиску и далеку
Неколку секунди гледајте во блиску поставен предмет, а потоа префрлете го погледот кон нешто подалечно.
Повторете го овој процес, дозволувајќи им на вашите очи да се приспособат на различните фокусни должини.
Гледање нагоре и надолу
Полека движете го погледот од подот, кон таванот, и назад. Ова помага во спречување на вкочанетоста и стимулирање на флексибилноста во очните мускули.
Нежна масажа
Со кружни движења со врвовите на прстите, нежно масирајте ја областа околу очите. Ова може да ви помогне во ублажување на напнатоста и зголемување на циркулацијата на крвта.
Правило 20-20-20
Покрај другите јога пози за вашите очи, обидете се да го следите правилото 20-20-20 кое значи: на секои 20 минути гледајте во објект оддалечен 20 метри, најмалку 20 секунди. Оваа едноставна практика може значително да го намали напрегањето на очите предизвикано од предолгото седење пред екраните.
Па, не заборавајте да направите кратки паузи во текот на работниот ден и да ги изведете овие лесни јога пози. Запаметете дека од особена важност е да им дадете одмор на вашите очи од предолгата изложеност пред екраните.
М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com