Атопичен дерматит кај бебиња - зошто се јавува и како се лекува?
Бебето е нервозно, плачливо, постојано се чеша и не спие навечер. Атопичниот дерматит умее да биде многу непријатен за бебињата, но постојат начини како да им помогнете.
Атопичниот дерматит е едно од најчестите кожни заболувања кај бебињата, а е познато и како егзема.
Се појавува во форма на црвени дамки, а кожата со текот на времето станува сува и речиси секогаш е груба и чеша.
Бебињата може да имаат егзема на кој било дел од телото, но најчесто е на образите и на зглобовите на рацете и нозете.
Атопичниот дерматит не е заразен. Не може да се пренесе од едно на друго лице.
Што предизвикува егзема кај бебињата?
Причината за појава на атопичен дерматит не е целосно позната.
Атопичниот дерматит е дефиниран како комбинација од генетски аномалии, односно најчесто е наследен. Поголема е можноста оваа болест да се наследи од мајката, отколку од таткото.
Алергиите на храна сè уште не се исклучени како потенцијални причинители за атопичен дерматит.
Најпроблематични намирници се: млекото, јајцата, солта, кикириките, чоколадото, глутенот и другите протеини од житарици и конзерванси.
Развој на атопичен дерматит може да предизвикаат и алергени надразнувачи, како производи за лична хигиена, детергенти за домаќинство, контакт со прашина, полен, влакна и пердуви, хлор од водата за капење...
Психолошкиот стрес може многу да ги влоши симптомите на атопичен дерматит.
Кои се симптомите?
Атопичниот дерматит кај бебињата се јавува почесто во високо развиените земји во светот, повеќе во град отколку на село.
Оваа болест е почеста кај семејства со помалку деца. Кај поголемиот дел од пациентите, интензитетот на атопичен дерматит се намалува со возраста - во повеќето случаи, симптомите исчезнуваат до пубертетот, но одреден број пациенти имаат доживотни проблеми.
Во зависност од возраста на пациентот, се појавува на различни делови од телото:
- Кај доенчињата се случуваат промени на кожата на образите, челото, скалпот или на горниот дел од трупот, рацете и стапалата.
- На возраст од 2 и 3 години, обично се појавува на лактите, колената, вратот, зглобот и глуждот.
- Во подоцнежна возраст, има промени во наборите на зглобовите и во веѓите, рацете и стапалата.
Симптоми:
- сува кожа
- пруритус - чешање на кожата
- рани од чешање
- осип (на образите, рацете и нозете)
- лупење на кожата
- здебелена кожа.
Воспалението може да ја зафати и кожата околу очите, очните капаци, веѓите и трепките.
Чешањето и триењето го влошуваат воспалението на кожата карактеристично за болеста. Детето може постојано да се чеша навечер и да ја оштети кожата. Во текот на денот пак, предизвикува поспаност, нервоза и го намалува апетитот.
Бојата и интензитетот на осипот можат да бидат различни, но секогаш чешаат. Потемната кожа може да стане посветла или потемна бидејќи дерматититот влијае на пигментацијата.
Како да ги ублажите симптомите?
Многу е важно да се обрне внимание на околината на бебето и правилната нега на кожата.
Треба да се избегнуваат некои „активатори“ кои дополнително ја иритираат кожата и го прават атопичниот дерматит неподнослив.
Совети што ќе ви бидат од корист:
- Нежното миење и редовната и ефективна хидратација ја одржуваат кожата мека и ги продолжуваат периодите помеѓу појавата на симптомите.
- Употреба на антиинфламаторни масти и кремови (по консултација со лекар).
- Избегнувајте облека и постелнина од волна и синтетика. Изберете памучна или свилена облека и постелнина за вашето бебе.
- Избегнувајте перење облека и постелнина со детергенти кои содржат парфеми, конзерванси и бои. Изберете течни детергенти и секогаш темелно исплакнете ги алиштата и постелнината.
- Обидете се да спречите детето да доаѓа во контакт со прашина.
- Редовно чистете ги душеците, постелнината, теписите и завесите.
- Не чувајте кадифени играчки во креветот каде детето спие и редовно перете ги.
- Погрижете се воздухот во просторијата каде што престојува детето да не е сув и претопол.
- Не пушете во просторијата каде што престојува детето.
- Доколку имате домашно милениче, редовно чистете го и не дозволувајте да влезе во просторијата каде што детето спие.
- Редовно сечете ги ноктите на детето за да не ја оштетат кожата при чешање.