Дадар ве советува како да се нашминкате за новогодишната ноќ и претпразничните забави
Еден од нашите најпознати мејкап артисти, Александар Биљановски Дадар, во пресрет на празниците открива која шминка ќе биде вистински хит за новогодишната ноќ, но и како да се нашминкате ако одите на предновогодишна забава.
Александар Дадар, кој веќе 20 години ги шминка дамите од земјава и регионот и кој соработува со бројни ѕвезди и за нивните приватни настани, но и за професионалните настапи и снимањето спотови, за CRNOBELO.com вели дека хит оваа сезона е сивата боја, па таа треба да биде најзастапена и во празничната шминка.
Дадар ве советува како да се нашминкате за дочекот на 2024-та:
„Сивите нијанси се вратија на голема врата во сезоната зима 2023/24. Без разлика дали се тоа мат, бисерни или сиви светкави сенки, сите тие ќе бидат ин, наспроти кафеавите тонови кои доминираа претходните години.
Мој прв совет за сите дами е да не го следат слепо трендот, туку секоја да избере бои и нијанси кои најдобро ѝ одговараат на лицето и кои ќе ги нагласат очите или цртите на ликот.
Во однос на новогодишната шминка, моја препорака е да се похрабри и да експериментираат. Па така, може да стават темноцрвен или бордо кармин, сенка со светки... Да се појават на прославите на кои ќе одат во едно погламурозно издание.
Би сакал да ги поттикнам да излезат од својата комфорна зона, да пробаат нешто ново, а сепак да не бегаат премногу од својот стил за да им биде удобно во својата кожа и да си се допаднат кога ќе се видат во огледало.
И шминката за предновогодишните забави треба да е малку поизразена, повпечатлива. Но, да се внимава – ако се нагласат очите, устата да е понежна, а ако ставите силен кармин, очите да бидат посуптилни, да постои баланс.
Хајлајтерите се сè уште во мода, оној glow-и изглед на здрава и блескава кожа.
Иако последнава година е голем тренд matchy-matchy, односно каква облека носи жената, таква боја да ѝ биде и шминката, не треба да се претерува ни со тоа.
Лично никогаш не сум го практикувал тоа и сметам дека треба да постои контраст. Шминката треба да одговара повеќе на тенот и да ја истакне бојата на очите (да не е иста со нив), но да биде соодветна за пригодата за која е наменета“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело