Мајка не можела да ги разликува своите деца близнаци - барала во полиција да им земат отпечатоци
Млада мајка ги изгубила белегзиите што ги носеле нејзините бебиња близнаци, па не можела да ги разликува. На крај, отишла во полиција со надеж дека ќе ѝ помогнат да ги идентификува според податоците во системот.
На почетокот од март, твитот на мајка од Аргентина стана вирален поради комичната ситуација што ја опишува.
Софи Родригез е мајка на идентични близнаци и откри дека морала да отиде во полиција за да ги разликува.
„Утре ќе одам во полиција за да им земат отпечатоци на моите близнаци и да ми кажат кое е кое. Ја добив наградата ’Мајка на годината‘“.
Софи се надевала дека ќе можат да ги најдат со помош на отпечатоци од прсти, но бебињата уште не биле внесени во системот.
Па, на крај побарала помош од педијатарот и медицинските досиеја на бебињата.
„Можам да ги разликувам по вакцините, но не знам кое е кое и ќе треба да ги следам нивните медицински досиеја.
На фотографиите изгледаат различно, но бидејќи се под различен агол или поради светлината. Во живо се потполно исти“, додава таа во друг твит.
Според нејзините објави, Софи и сопругот ги изгубиле белегзиите со чија помош ги разликувале бебињата, и поради тоа настанала целата забуна.
Во коментари, многу родители и близнаци споделуваат слични, па и комични приказни.
„Јас и мојот брат близнак имавме белегзии – едниот на левата, а другиот на десната рака. Постои мит дека некогаш ни паднале во исто време и биле заменети. Имаме речиси 30 години и сосема возможно е јас да сум брат ми, а тој да е јас“, открива еден твитерџија.
„Мајка сум на близнаци (денес имаат 17 години). Не можев да им ставам обетки бидејќи немаа 3 килограми. Првата ноќ ги зедоа за да можам да спијам и кога ги вратија… ги немаа белегзиите од болницата. Морав да го чекам педијатарот да ги измери, за да знам кое е кое“, открива мајка.
За Insider, пак, друга мајка на близнаци открива дека многу се плашела дека ќе се најде во ваква ситуација.
„Бев преплашена дека ќе ги измешам ќерките кога се родија. Но, развив свои методи. Знаев дека ќе имам идентични близнаци пред да се породам.
Најпрво сакав да им ставам различни обетки откако ќе се родат – ова е традиција во Аргентина. Но, се породив во Њујорк и таму ми кажаа дека не ставаат обетки на новороденчиња.
Кога ме пуштија од болницата, сакав да им ги оставам белегзиите од болницата што е можно подолго. Но, и овој план пропадна бидејќи растеа брзо и белегзиите веднаш им станаа тесни.
На крај, одлучив да купам органски лак за нокти кој е безбеден за деца. На едното бебе го лакирав палецот на ногата со сина, а на другото со розова боја.
Ова ми помогна, но со текот на времето сфатив дека можам да ги разликувам и без лакот. Мене ми изгледаа различно – забележав дека ушите и косата им се различни.
Кога првпат ги однесовме на фризер, едната ќерка посака шишки, а друга не, па сега сите лесно ги разликуваат“.
Мајката разговарала за ова и со акушерка која имала искуство со близнаци.
Акушерката и лекарите ги советувале родителите на близнаци да им облекуваат облека со различна боја.
Друг трик било секогаш да ги оставаат на иста страна. На пример, едното бебе секогаш да биде од левата, а другото од десната страна.
И акушерката и мајката заклучиле дека ова е проблем само на почетокот. Штом бебињата малку ќе пораснат и ќе почнат да го покажуваат својот карактер, на родителите им станува многу, многу полесно да ги разликуваат.
Дали вие имате близнаци? Користевте ли некој трик да ги разликувате додека беа бебиња?
Спирова С. | Црнобело