Зошто децата жртви на (сајбер)булинг кријат од родителите дека се злоставувани + 4 знаци дека детето трпи малтретирање
Детето што до вчера без проблем станувало за во училиште, одеднаш не сака да стане и да оди, забележително е дека има пад во успехот, постојано го крие мобилниот телефон – ова се само некои од знаците што укажуваат на тоа дека детето е жртва на булинг.
Тешко е да се биде родител во денешно време, особено ако сте родител на дете што е жртва на булинг. Потсмевањата за изгледот, малтретирањата, исмевањата не застануваат кога детето ќе си дојде дома, туку преку социјалните мрежи и мобилниот телефон, тие се постојано присутни.
Се чини дека децата што се жртви денес не можат да земат здив, па ниту во домот не можат да се чувствуваат безбедно. Освен што комуницираат на социјалните мрежи, децата стануваат жртви на сајбербулинг и додека ги играат познатите игри кои имаат платформи за размена на пораки.
Засега нема точни податоци за тоа колку од децата во Македонија се жртви на ваков тип насилство, но според податоците на UNICEF секое трето дете во светот е жртва на ваков тип насилство.
Освен погрдните коментари, прекари и вербалните малтретирања, честопати се случува децата да бидат жртви на закани дека нивни засрамувачки фотографии ќе бидат објавени (или биле објавени) на интернет, добиваат пораки со закани, видеа или пораки, а честопати се случувало и да добиваат силеџиски пораки преку лажни профили.
Кои знаци може да укажуваат на тоа дека детето е жртва на сајбербулинг?
Децата не сакаат да одат во училиште и покажуваат лош успех
Децата што се жртви на насилство најчесто не сакаат да одат во училиште, а забележителен е и пад во успехот и намалени оценки.
Стресот од насилството може да се одрази сериозно врз психичкото здравје на детето, а наглиот пад во успехот е прв знак дека родителот треба сериозно да поразговара со сопственото дете и да се обиде да открие која е причината за лошите оценки.
Ги кријат мобилните телефони
Вообичаено децата сакаат да ја сочуваат сопствената приватност кога станува збор за технолошките уреди, но кога се жртви на сајбербулинг, тогаш стануваат уште потаинствени. Можете да забележите дека дури сакаат да се скријат во друга соба за да ги проверат пораките што ги добиле.
Дополнително, децата што се жртви на сајбербулинг, постојано ќе проверуваат на уредот дали добиле некоја нова порака.
„Родителите мора да бидат љубопитни, но да не го осудуваат детето. Честопати се случува детето да биде загрижено дека родителот ќе му забрани пристап до уредот, ако искрено зборува за проблемите со кои се соочува, па потребно е да го уверите детето дека нема да му го одземете мобилниот телефон ако се соочува со таков проблем“ – вели доктор Пол Вегл од Американската Академија за детска и адолесцентска психологија.
Загриженост за изгледот и промена во исхраната
Децата што се жртви на булинг, најчесто се соочуваат со навреди поврзани со нивниот физички изглед, па токму заради тоа може да забележите дека детето почнува да обрнува премногу време на сопствениот изглед.
Дополнително, наеднаш може да забележите промени во исхраната, незадоволство од облеката што ја поседува, како и обиди да се скрие оној дел од телото заради кои детето можеби е жртва на (сајбер)булинг.
Депресија
Речиси секое дете што е жртва на булинг во еден момент може да развие депресија, заради насилството. Забележително кај децата што се жртви е тоа што честопати изгледаат како да се под стрес и тоа по користењето на мобилните уреди, а често се забележува и дека стануваат поповлечени и не сакаат премногу да комуницираат.
Што да се прави?
Тинејџерите тешко признаваат дека се жртви на насилство, токму заради тоа што стравуваат дека родителите ќе им го одземат мобилниот телефон.
Постојат повеќе видови на сајбербулинг, па затоа само преку разговор со детето можете да откриете каде се јавува насилството (на која социјална мрежа или игра), па соодветно да му помогнете да се справи со проблемот.
Задолжително потребно е да се побара помош од психолог, а во одредени случаи можеби е потребно да реагираат и надлежните органи.
Б. С. Б. | Црнобело