Како да разговарате со вашето дете за тешки теми и зошто не треба да го лажете?
Смртта на миленичето или некоја блиска личност, расправиите помеѓу вас и партнерот, а некогаш и разводот, се теми кои не се најјасни за малите деца. Но, тоа не значи дека треба да го лажете вашето дете и да избегнувате да разговарате за овие работи или барем да пробате да му ги објасните.
Сакајќи да ги заштитат децата, неретко родителите измислуваат приказни кога станува збор за проблематични теми. Некогаш и целосно ги избегнуваат, без разлика што детето им поставува прашања за тоа.
Ако вашето дете е доволно големо да разбере дека нешто се случува, секогаш е подобро да разговарате со него и за тешките теми и да пробате да му ги објасните со зборови соодветни за неговата возраст.
Неколку совети што ќе ви помогнат во тоа:
Немојте да го лажете
Ако, на пример, умрело миленичето на вашето дете, немојте да го лажете кажувајќи му дека избегало или што уште не.
Објаснете му дека некогаш миленичињата умираат, а притоа бидете подготвени да одговорите на сите негови прашања.
Секако, не треба да споделувате грозоморни детали за смртта, туку само помогнете му да сфати дека и таа е дел од животот, секако, зависно од возраста на детето.
Најчестите грешки што треба да ги избегнувате
1. Му велите на детето дека сè е во ред, кога е повеќе од очигледно дека имате сериозни проблеми со партнерот. Во овој случај подобро кажете му на детето дека помеѓу вас постојат некои разлики и дека работите на нив. Истовремено, избегнувајте да се расправате пред детето.
2. Лажете кога ќе испуштите некој важен настан за детето – како фудбалски натпревар – без да ја признаете вината и да му се извините.
3. Во случај на развод, не сте искрени со вашето дете – нема потреба да го лажете дека многу се сакате или да му давате надеж дека ќе се смирите ако е јасно дека на бракот му дошол крајот.
Наместо тоа, кажете му на детето дека и вие и партнерот го сакате безусловно и подеднакво, но дека некогаш браковите не функционираат. Во овој случај секогаш можете да се консултирате и со професионалец.
4. Криете проблеми како сериозна болест или сериозни финансиски проблеми. Добро е што сакате да го заштитите детето, но ако тоа забележува дека нешто не е во ред, подобро е да пробате да му објасните што се случува.
Па, како да зборувате за тешките теми?
1. Добро размислете што сакате да му кажете на детето и кои зборови ќе ги искористите за тоа подобро да ве сфати. Слободно вежбајте и пред огледало.
2. Прифатете ги вашите чувства и емоции – ова е сериозен разговор и нормално е ако сте исплашени или да почнете да плачете.
3. Прашајте го детето што знае за темата на разговор, па потоа надополнете го или поправете го ако нешто сфатило погрешно. Исто така, внимателно слушајте го неговото мислење и неговите идеи во врска со темата.
4. Најдете го вистинското време за разговор – најдобро кога сте дома и кога децата немаат други обврски, така што ќе можат целосно да се посветат на разговорот.
5. Користете зборови и објаснувања соодветни на возраста на вашето дете.
Кои се придобивките од сето ова?
Овие разговори ќе ја поттикнат искреноста кај вашето дете. Покрај тоа, тоа ќе се чувствува многу подобро кога ќе знае што се случува, но и кога ќе знае дека има личност со којашто може да разговара – а тоа сте вие.
Исто така, детето ќе се чувствува вклучено во семејството (заедно со проблемите) и ќе има чувство на припадност.
Детето ќе стане свесно за проблемите и грешките, сигурно ќе научи и некоја лекција од нив, а ова ќе му биде од голема корист подоцна во животот. Односно, полесно ќе се справува со предизвиците што го чекаат подоцна во животот.
На крај, не заборавајте дека вашето малечко е многу помудро отколку што ви се чини. Децата можат да разберат многу работи, сè додека има личност која ќе одвои малку од своето време за да им ги објасни.
Спирова С. | Црнобело