Бизарната историја на кафезите во кои порано се чувале бебињата
Големите кафези за бебиња кои се закачувале на прозорците станале хит во 1920-тите благодарение на совет од лекар кој ја нагласил важноста од тоа децата да дишат свеж воздух. Бидејќи тогаш малку луѓе имале куќи или станови со тераси, овие кафези се покажале како одлично (но и не многу безбедно) решение.
Големите кафези за бебиња влегле „во мода“ набрзо откако биле патентирани во 1922-ра година, а првпат почнало да се размислува за нив благодарение на книгата „Нега и исхрана на децата,“ издадена во 1884-та година од Лутер Емет Холт.
Во својата книга, Емет внимателно опишува како бебето треба да се „проветрува“.
„Свежиот воздух е неопходен за обновување и прочистување на крвта, а тоа е еднакво неопходно за здравјето и растот, како и правилната исхрана.
Апетитот се подобрува, варењето е подобро, образите стануваат црвени, се гледаат сите знаци на здравје“.
Во суштина, се мислело дека на овој начин бебињата зајакнуваат, им се подобрува имунитетот и полесно ги поднесуваат настинките.
Се верувало дека изложувањето на бебето на ниски температури обезбедувало одреден имунитет.
Додека авторот на книгата истакнал дека е сосема доволно детето да се остави покрај отворен прозорец, некои луѓе почнале да одат чекор подалеку.
Како одговор на недостатокот од отворен простор во домовите, луѓето почнале да се опремуваат со кафези кои се поставувале на прозорот.
Првиот патент за кафезот за бебиња го поднела Ема Рид во 1922-ра година во Вашингтон. Следните неколку години, кафезите станале ултра популарни во Лондон, најмногу кај луѓе кои живееле во станови без тераса.
Не е познато кога почнала да опаѓа популарноста на овие кафези, но се верува дека во втората половина од 20-тиот век луѓето почнале да сфаќаат дека ова не е најбезбедно решение. Па, со текот на времето биле исфрлени од употреба.
М. Д. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





