Писмо од мајка за ќерката со Даунов синдром: „Ти си храбра и издржлива - нема битка што нема да ја извојувам за тебе“
„Те гледам како искачуваш планини секој ден. Нема планина што нема да ја искачам со тебе. Нема битка што нема да ја извојувам за тебе“ – стои во емотивното писмо што Сондра Мечам го напишала за нејзината ќерка Лила која има Даунов синдром.
Сондра по професија е учителка, има три ќерки, а на својот Facebook профил честопати споделува писма и написи со кои се обидува да ја промени свеста за лицата со Даунов синдром и да помогне овие луѓе да бидат поприфатени во средината и во општеството.
Во продолжение проследете го емотивното писмо што таа го објави на Facebook:
„Нештата што за мене се лесни, за тебе се цели планини, но ќе ти помогнам да ги искачиш.
Зборовите што се лесни за мене, можеби тебе ти се тешки, но ќе ти помогнам да ги изговориш.
За мене е лесно да се облечам. Тебе ти е потребно повеќе време, но не ми пречи да чекам.
Мене ми е лесно да читам. Тебе ти е тешко, затоа ќе читаме полека.
Мене ми е лесно да учам. Тебе ти е потребен многу труд. Затоа ќе работам со тебе.
Мене ми е лесно да ги разберам нештата. Тебе ти е тешко, затоа секогаш ќе ти помагам.
Љубезноста за тебе е лесна. На светот му е тешко да биде љубезен, но сепак живееме заедно во него.
Тебе ти е лесно да ги сакаш сите. Мене ми е потешко, но учам.
Радоста за тебе е лесна. Мене ми е потешко, но ти ме учиш.
Тебе ти е лесно да го гледаш само најдоброто кај луѓето. За мене тоа е потешко, но ти ми помагаш.
Животот ми е многу поубав заради тебе и секогаш ќе се трудам повеќе за тебе.
Во сè што правиш, те гледам како се пробиваш. Те гледам како се бориш, се откажуваш, повторно се обидуваш и совладуваш.
Те гледам како се затвораш во себеси кога мислиш дека нештата се премногу тешки. Душо, ти си најсилната личност што ја познавам. Ти си храбра, љубезна, издржлива. Ти си сè што му треба на овој свет.
Те гледам како искачуваш планини секој ден. Нема планина што нема да ја искачам со тебе. Нема битка што нема да ја извојувам за тебе.“