„Имав иста компликација во бременоста како Кејт Мидлтон – не можев да одам, ниту да се симнувам по скали“
„Не можев да одам, не можев да се грижам за моето малечко девојче и го пропуштив нејзиниот втор роденден затоа што не можев да се симнам по скали. Навистина беше застрашувачко. Ако не беше сопругот и семејството ќе мораше да абортирам“ - раскажува оваа жена која во втората бременост се соочила со состојба на „упорни повраќања“, со каква што се соочуваше и Кејт Мидлтон во сите три бремености.
Сара Викери (38) имала компликација за време на нејзината втора бременост што се нарекува hyperemesis gravidarum, а кај нас е позната како упорни повраќања.
Таа во втората бременост ослабела цели 13 килограми и цели 3 месеци останала во лежечка состојба, а во својата исповед раскажува како поддршката од семејството била клучна за да успее на свет да го донесе синот Тревис.
Вакви компликации имаше и Кејт Мидлтон за време на сите три бремености.
Hyperemesis gravidarum (упорно повраќање) е компликација во бременоста поради која бремените жени се соочуваат со постојани мачнини, загуба на килограми, повраќање и дехидрација.
Toa е компликација што се јавува во различни облици кај различни мајки. Некои од „поблагите случаи“ на овие компликации се третираат со промена на начинот на исхрана, одмор и лекови за намалување на киселината. Но, кај „потешките случаи“ бремените мајки понекогаш се принудени да останат во болница на лекување.
Околу 70 до 80 отсто од бремените жени се соочуваат со некој вид на утрински мачнини во бременоста.
Но, токму поради тоа што постојат различни облици, голем дел од жените не го пријавуваат овој проблем, сметајќи дека утринските мачнини се вообичаена појава.
Во однос на оваа компликација, кај нас во Македонија според Фондот за здравствено осигурување има утврден начин на третман на бремените жени:
„Понекогаш е тешко да се направи разлика меѓу лесно и тешко повраќање за време на бременоста. Мајката треба да биде испратена во болница доколку се јави кетоза, губење тежина (за 5% или повеќе од 2 kg неделно) или ако е присутна дехидратација.
Исто така, треба да се обрати во болница доколку состојбата се пролонгира или повраќањата тешко се поднесуваат. Во болнички услови се даваат интравенски течности со цел да се воспостави нормален баланс на течности. Третман на наузеа како симптом се прави во амбулантски услови.“
Додека Кејт Мидлтон како член на кралското семејство има голем број вработени што биле тука за неа во сите три бремености, Сара по професија е медицинска сестра, а вели дека ако ја немала поддршката од семејството ќе морала да ја прекине бременоста.
Поради компликацијата Сара станала толку исцрпена и слаба, поради што морала постојано да биде во посетела и повеќепати била примена во болница на лекување, а грижата за 2-годината ќерка Хана во тој период целосно ја преземал нејзиниот сопруг Мет (39).
„Кога бев околу 5 недели бремена почнав да се чувствувам уморно и болно и повраќав по неколку пати дневно, но по една недела веќе по цел ден бев болна. Не можев да станам од кревет, затоа што само што ќе станев, повраќав.
Списокот на оние работи што можев да ги јадам стануваше сѐ помал, а исто така не можев ниту да пијам ништо.
Не забележав колку многу килограми сум загубила, но сопругот ми велеше дека многу сум ослабела, а и шокирав многу луѓе со тоа колку килограми сум загубила.
Кога дознав дека сум бремена, само што се имав вратено од одмор, па луѓето често коментираа за тоа колку добро изгледам.
Потоа, кога ме видоа следниот пат, бев навистина слаба.
Не можев да одам, не можев да се грижам за моето малечко девојче и го пропуштив нејзиниот втор роденден затоа што не можев да се симнам по скали. Навистина беше застрашувачко. Ако не беше сопругот и семејството ќе мораше да абортирам“ – вели таа и додава дека некои жени што страдаат со вакви компликации на крај и се одлучуваат на таков чекор.
Сара не можела ништо да јаде ниту да пие цели три месеци без да поврати.
Била принудена осум недели да отсуствува од работа и била примена во болница двапати, а кога била околу 17 недели бремена ѝ биле препишани стероиди за да се намалат симптомите.
„Стероидите ги променија симптомите. Немав апетит, немав волја и не бев расположена. Се чувствував како постојано да бев мамурна. Не сакав да се жалам затоа што има многу луѓе што сакаат да забременат“ – вели таа.
Како и да е, и покрај компликацијата Сара успеала да роди здраво машко дете.
Сара вели дека по породувањето со синот Тревис веднаш ѝ се вратил апетитот.
Б. С. Б. | Црнобело