„Тагувам затоа што нема да бидам баба - моите ќерки одлучија дека никогаш нема да имаат деца“
„Со нетрпение очекуваш дека еден ден ќе бидеш баба на внучиња и потоа дознаваш дека тоа нема да се случи и се чувствуваш изневерено“ – вели оваа 56-годишна мајка на две возрасни и успешни ќерки, кои одлучиле дека никогаш во животот нема да родат деца.
Британката Линда Аитчинсон (56) е само една од низата средовечни жени што се обидуваат да го прифатат сознанието дека никогаш нема да ја почувствуваат радоста во своите раце да прегрнат внучиња, затоа што нејзините ќерки одбиваат да станат мајки.
Скапиот живот, нерешените станбени прашања, стравот и неизвесноста за иднината, сè почесто играат улога младите луѓе да се одлучат дека не сакаат да имаат деца и дека наместо тоа сакаат да бидат слободни.
Но, иако, за младите оваа одлука е сосема нормална и прифатлива, нивните родители кои израснале со поинакви идеолошки уверувања, се чувствуваат предадени и како да им е ускратено правото да бидат баби и дедовци.
Линда вели дека почнала да страда од несоници, кога нејзината ќерка Емили (26) ѝ рекла дека не планира да стане мајка, а потоа истото го рекла и нејзината втора ќерка близначка, Мелиса.
Ќерките ѝ соопштиле дека иако се успешни во кариерата и имаат долги врски, сепак, не можат да си дозволат да основаат семејства.
„Помислата ме држеше будна со ноќи и се грижев.
Мислиш дека знаеш што те чека.
Со нетрпение очекуваш дека еден ден ќе бидеш баба на внучиња и еден ден дознаваш дека тоа нема да се случи и се чувствуваш изневерено.
Целосно ти се менува идејата за животот.
Благодарна сум за семејството што го имам и мој приоритет се нивното здравје и среќа, но чувствувам длабока празнина затоа што нема да ми се исполни тоа што го очекував“ – вели Линда.
Британката вели дека таа и нејзините ќерки се мошне блиски и дека поминуваат многу време заедно, па таа верувала дека еден ден нивното семејство ќе стане поголемо со внучиња.
Но, Емили и Мелиса не сакаат ниту да помислат на деца.
Списокот на причини за ваквата одлука е долг: сметаат дека нема никогаш да бидат финансиски стабилни за да ги покријат сите трошоци што доаѓаат со децата, стравуваат заради финансиската криза што во последните две години го погоди светот и огромниот скок во цените, а дополнително, тие сметаат дека не е во ред да се донесе нов живот во светот на кој постојано му се заканува нуклеарна катастрофа.
Линда со ќерките
Линда ја почитува одлуката на нејзините ќерки, иако, потајно се надева дека тие ќе се премислат.
Но, вели дека не ѝ е сеедно кога гледа како нејзините врснички стануваат баби.
„Никогаш нема да покажам како се чувствувам и се трудам да ја скријам болката.
Но, опкружена сум со луѓе што имаат внучиња и постојано ми зборуваат колку се прекрасни.
Немам за што да разговарам со нив, а отсекогаш мислев дека ќе имам. Имам блиска пријателка која има мал внук и го зема кај себе со денови, а јас немам внуче“ – вели Линда.
Инаку, опаѓањето на наталитетот е проблем со кој со години наназад се соочуваат голем број земји.
Сè повеќе млади луѓе одлучуваат да немаат деца од најразлични причини.
Што мислите, оправдани ли се причините заради кои сè поголем број млади луѓе се одлучуваат да немаат деца, или, тоа се само изговори?
Б. С. Б. | Црнобело