8 предмети во домот што се омилени „играчки“ за малите деца – колку се безбедни за игра?
Клучеви, далечински управувачи, канта за отпадоци, тенџериња и прибор за јадење... Кои предмети во домаќинството се омилени играчки за малите деца и дали е безбедно да му дозволите на детето да си игра со нив?
Понекогаш децата имаат необични желби. Купувате играчки и внимавате на сѐ: дали се безбедни, дали се соодветни за возраста на детето, дали се скапи или не...
Пресреќни сте дека сте ја нашле најдобрата играчка, а по некое време забележувате дека вашето дете воопшто не покажува интерес да си игра со неа, туку за него се поинтересни некои други предмети во домот: канта за отпадоци, метални тенџериња и тави, прибор за јадење, клучеви...
Некогаш ви се чини дека постојано треба да сте до детето и да внимавате што прави.
Ова се дел од предметите во домот што на децата им се интересни за играње, па да видиме кои од нив се опасни, а кои не.
Клучеви
Децата обожаваат да си играат со клучеви. Метални се, светкаат, ситни се, ако ги затресете - тропаат, а детето може да ги скрие и во мал простор: на пример во џебот од чантата на мама или во некое скриено ќоше.
Клучевите воопшто не се соодветни за игра.
Прво поради острите рабови детето може мошне лесно да се повреди, а потоа треба да имате предвид дека клучевите ги допираме најчесто со нечисти раце или ги чуваме во чанта или џеб – па така и не знаме какви бактерии има на нив.
Далечински управувачи
Далечинските управувачи се едни од омилените играчки на малите деца.
Имаат меки и шарени копчиња и на децата им е интересна нивната функција.
„Гледај, ако стиснам овде ќе се појави нешто на телевизорот, клима-уредот ќе почне да дува, од некаде ќе се пушти музика...“
Проблемот со далечинските управувачи е во тоа што се направени од голем број ситни делови, а некои од нив имаат и мали батерии што лесно може да се проголтаат.
Ако вие не можете да ги извадите батериите, вашето дете ќе најде решение - на примитивен начин со трескање од земја.
Кутии
Колку пати ви се случило да купите нешто и да го донесете во голема кутија, a играчката внатре воопшто да не му е интересна на детето, туку да почне да си игра со кутијата?
Иако кутиите како кутии не се опасни за игра, сепак не можеме детето да го оставиме само да си игра со нив. Особено, ако се работи за мали деца кои може лесно да откинат парчиња хартија.
Исто така опасни се и остатоците од селотејп или леплива лента.