Ривалство меѓу децата: „Што направивме кога поголемото дете почнa да се однесува како бебе?“

Ривалство помеѓу децата – една од вечните теми. Децата растат, но ривалството меѓу нив секогаш ќе постои. Тоа ривалство се развива, како што се развиваат и тие - на почеток за вниманието на родителите, потоа за играчки, облека, оценки во училиште, потоа внимание од другарите, симпатијата итн.

Rivalstvo-megju-decata-sto-ako-pogolemoto-dete-pocne-da-se-odnesuva-kako-bebe-01.jpg

Не дека не си ги сакаме браќата и сестрите, ама имаме желба меѓусебно да се докажуваме, тоа е во нашата природа како луѓе, затоа што човекот во основа е територијално суштество.

Љубомората е очекувана реакција?!

Додека бев бремена со второто дете сите околу мене ми велеа дека ќерка ми ќе биде многу љубоморна и да бидам подготвена на тоа.

Искрено, тоа беше една тема на која многу размислував и откако се породив очекував и бев подготвена дека во домот ќе имаме проблеми со прифаќање на новиот член во семејството.

Очекував дека ќе има изливи на бес, љубомора во буквална смисла на зборот, отфрлање на бебето, но за она што се случи воопшто не бев подготвена.

Знаете, никој не ви кажува дека нештата не се само црно-бели и дека она што повозрасните го нарекуваат љубомора има најразлични нијанси.

Ние немавме проблем со отфрлање на бебето, напротив и ќерка ми се вклучи во грижата за него. Секогаш ќе го помнам моментот кога првата ноќ бебето се разбуди гладно, а таа со трчање отиде да донесе шишенце за да му дадеме млеко.

Немавме љубомора во класична смисла на зборот, во смисла на земање играчки, тепање или гнев и агресија, но нашето две и пол годишно девојче, кое претходно беше доста самостојно, почна повторно да се однесува како бебе.

Одеднаш почна сама да става цуцла во устата (иако цуцлата воопшто не ја сакаше додека беше бебе), да бара да цица, да бара да ја држиме постојано во раце, наместо да зборува, почна секое незадоволство да го искажува со плачење и за крај најголемиот проблем беше кога престана да кажува дека ѝ се оди во тоалет, иако претходно со тоа не сме имале никаков проблем.

Искрено, ова беше проблем со којшто и не очекував дека ќе се соочам.

Сите ми велеа дека тоа е нормално однесување и дека е вообичаено, дека нема простор за грижа или едноставно го ставаа во фиоката „љубомора“.

На форумите на интернет се изначитав секакви приказни за ривалство помеѓу децата, но ова за мене беше нешто сосема ново и неочекувано и нормално во прв миг не знаев како да се справам.

Јасно ми беше дека ќерка ми на тој начин бара повторно фокусот на вниманието да биде целосно свртен врз неа, но ете, во самиот момент тоа не беше возможно.

Бебето веќе по втората недела почна да добива грчеви секоја ноќ, така што првите два месеци воопшто и да не спиев. Ноќите беа тешки, а преку ден кога бебето спиеше и кога требаше нејзе да ѝ обрнам малку повеќе внимание, јас бев уморна и ненаспана. 

Регресивна фаза или однесување на малите деца како бебиња

Имено, на интернет и нема многу текстови посветени на оваа проблематика. Еден ден кога имав малку повеќе време да направам пообемно истражување наидов случајно на еден текст што малку повеќе ми ги разјасни нештата.

Конечно успеав да го разјаснам тоа што нам ни се случуваше, и сфатив дека оваа состојба воопшто и не е „љубомора“, како што повозрасните сакаат да го наречат, туку се нарекува поинаку – регресивна фаза кај малите деца.

Кога поинаку ќе погледнам на нештата ние сме поминале и полесно, затоа што ако кај некои семејства повозрасните деца изразуваат јасно незадоволство од типот: не го сакам бебето, вратете го во болница и слично, ние се соочивме со друг проблем: требаше да се справуваме со две бебиња истовремено.

На веб страната Што да очекувате, е објавен текстот со наслов: „Регресија кај малите деца (Однесување како бебе)“ којшто реално мене лично многу ми помогна за да се справам со овој проблем, па затоа во продолжение ќе ви пренесам некои од клучните поенти што нам ни се најдоа.

На самиот почеток на текстот се наведува дека регресивната фаза е тоа, само фаза која што ќе помине, но во меѓувреме постојат неколку начини што ќе ни помогнат за да се справиме.

Зошто се случува:

Според споменатиот текст, регресијата (враќањето) на вашето дете во бебешкиот период (времето кога се чувствувало безбедно и блиску до вас) може да биде предизвикано од поголем број фактори.

Може да има конфликтни чувства за растењето и за тоа што се одделува од вас, или можеби се чувствува исфрустрирано или преоптоварено од некој голем скок во развојот.

Регресијата може исто така да биде реакција на промена или на стресна ситуација во животот, како што е пристигнувањето на нов член во семејството, тргнување во градинка или тензија во домот.

Што треба да знаеме:

Нема вечно да имате големо бебе во вашите раце. На овој начин вашето дете само ви кажува дека му треба малку повеќе внимание и чувства од ваша страна.

Што да правиме:

Текстот потенцира дека слободно треба да му дозволиме на нашето дете да биде бебе.

Дозволете му да ползи, да си го цица прстот или да пие од шише (но во шишето ставајте само вода). Тоа што нема да му дозволувате да биде бебе на кратко само ќе ја зголеми неговата желба пак да биде бебе и само повеќе ќе ја пролонгира фазата, се вели таму.

Во продолжение советите ви ги пренесуваме во целост:

Пружете многу љубов. Покажете му на детето дека не мора да се однесува како бебе за да го добие вашето внимание.

Доколку имате новороденче во домот обидете се да одвоите време што ќе го поминувате сами со поголемото дете.

Исто така, добро би било да им дадете важност. Побарајте да ви помогне со бебето (може да ви подава пелени или да ви помогне да го избришете бебето по бањање).

Немојте да го критикувате детето. Наместо да го критикувате, дајте му сигурност така што ќе му дадете до знаење дека и двајцата знаете дека тоа само се преправа. (Знаеш, забавно е да си играме бебиња, ама јас секогаш ќе те сакам, па дури и ако не се однесуваш како бебе.)

Дајте им важност на активностите за големи деца. Укажете му на предностите од тоа да се биде голем (Штета што твојата помала сестра/брат не може да јаде сладолед, ама таа е бебе и бебињата не јадат сладолед).

Пофалете го детето кога ќе покаже зрелост и аплаудирајте на неговите достигнувања како големо дете (како користење прибор за јадење или решавање загатки).

Обезбедете издувен вентил. Дајте му до знаење на вашето дете дека е во ред да биде луто или тажно. Ако дава негативни коментари за неговото ново братче или сестричка немојте да велите, „Не го мислиш тоа“.

Наместо тоа, дозволете му да говори отворено за сопствените чувства. (Секогаш може да ми кажеш како се чувствуваш. Јас секогаш се чувствувам подобро откако ќе разговарам за моите чувства.)

Не воведувајте дополнителни промени. Кога веќе се соочувате со некоја промена (како доаѓањето на нов член во семејството) особено е важно да ги намалите другите промени во вашиот живот. Држете се колку можете повеќе до вообичаениот распоред и рутини колку е мошно повеќе.

Овој текст е еден од ретките на оваа тематика што може да се најде на интернет и што колку-толку мене лично ми даде увид во тоа што ни се случува.

Иако веќе поминаа 10 месеци, оваа фаза кај нас во целост не е помината. Сè уште имаме моменти кога обидувајќи се да добие поголемо внимание ќерка ни глуми дека е бебе.

Советите цитирани погоре беа од голема помош, затоа што придржувајќи се до нив успеавме регресијата од постојана состојба да ја претвориме во игра, да си играме бебиња (кога јас сум бебе, таа станува голема мајка), понатаму го решивме проблемот за одење во тоалет (Штета што си бебе, не можеш да кажеш кога ти се оди во тоалет, па не можеш да јадеш ниту сладолед, ниту чоколадо!), а сето тоа го постигнавме без да ги прифатиме советите од некои повозрасни дека ќотекот излегол од рајот.

Јасно ми е дека ова е само првата фаза на ривалство помеѓу децата со која што ќе се соочам. Јасно е дека пред нас имаме огромен пат, но моја желба, како и на секој друг родител, е тоа ривалство да биде колку е можно помало.

Се надевам дека овие совети ќе ви се најдат и вам, доколку се соочувате со ваков сличен проблем. Доколку не, можеби би ви било интересно да видите со какви се проблеми се соочуваат родителите, дека нештата не се црно-бели, туку, како и за сè друго, и за ова постојат нијанси и детали, а тие нијанси ја прават целината.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Јас имам совршен брак, но тоа не е брак во кој јас и маж ми не се караме“ „Со маж ми се расправаме, но ние не се задржуваме во таа лутина. Ние имаме жесто...
„Јас сум една од најлошите баби - зошто сум строга со внуците?“ „Знам да бидам дури злобна на моменти со внуците и луѓето ми велат дека сум прес...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
„Им љубоморам на моите деца – имаат поубаво и полесно детство од моето“ „Кога бев дете, секое саботно утро ми беше жртвувано – морав да ја косам тревата...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
6 работи со кои родителите несвесно им штетат на своите деца Не им ставате крем со фактор кога излегуваат на сонце и не им купувате соодветни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg