„Дали ќе се разведат, дали е по моја вина?“ - Што си мислат дечињата кога мама и тато се расправаат пред нив?
Кавгите пред децата се нешто кое ниту еден родител не го посакува, но понекогаш се неминовни. Децата се најчесто неми сведоци на избувнувањата помеѓу родителите.
Но, дали сте размислиле какви последици тоа остава врз нив и што најчесто им поминува низ малите главчиња во текот на овие немили, семејни сцени?
Што ќе се случи со нашето семејство?
„Дали мама и тато се мразат? Дали ќе се разведат? Со кого ќе живеам јас? Дали ќе треба да се селиме? Не сакам да се случи ова, срам ми е“. Ова се мислите, што за жал, најчесто ги мислат децата.
Морам да се скријам
Многу од децата признаваат дека за време на кавгите се заклучуваат и се кријат во своите соби или во некоја друга просторија каде што се чувствуваат сигурно и заштитено, додека ситуацијата не се стиши. Добар дел од нив размислуваат дури и да избегаат од дома.
Не знам зошто се расправаат, но уплашен сум
„Не можам да разберам зошто моите родители се расправаат. Слушам само викотници, зборовите ми се нејасни, знам дека двајцата се бесни. Само сакам да престане, тоа е сè што сакам да се случи“.
Да ја одберам мама… или тато? Или никој?
Децата многупати се растргнати помеѓу двајцата родители и чувствуваат дека треба да заземат нечија страна.
Понекогаш тоа доаѓа и сосема природно, доколку чувствуваат поголем притисок од еден од родителите. Но, понекогаш децата не сакаат да застанат на страната на ниту еден од родителите.
Не го почитувам (сакам) оној што вака се однесува со мажот/жената
И покрај возраста на децата, тие се перцептивни и добро може да забележат кога некој од родителите не го почитува другиот.
Тогаш го менуваат однесувањето кон „лошиот“ родител и застануваат на страната на оној што преживува малтретирање, од каков и да било вид.
Морам да го решам нивниот проблем
Понекогаш децата мислат дека доколку се однесуваат добро и не прават грешки, ќе им ги решат проблемите на родителите.
Чувството на вина кое си го наметнуваат ги тера да се запрашаат „Дали јас сум виновен за кавгите на родителите?“.
Брзо ќе им помине
Многу од децата, за жал, се навикнати на секојдневните кавги помеѓу родителите, што едноставно се научиле да живеат со тоа и знаат дека колку и да е кавгата голема или сериозна, на крајот ќе помине.
(О)Милена | Црнобело