Низ илустрации: Како да разговарате со вашето дете за „пристојни“ и „непристојни“ допири?
За жал, во светот постојат ужасни луѓе, па секој родител сака да ги заштити своите деца што е можно подобро.
Кога вие сте со вашето дете, имате контрола – гледате што прави, каде оди, со кого зборува... Но, кога детето е само, тоа мора самото да процени дали е во опасна ситуација, но и да знае што треба да први.
Иако овие разговори не се воопшто пријатни, од голема корист е да му кажете на детето што е дозволено, а што не. Односно, да го натерате да сфати кои допири од возрасните се лоши и за кои мора да ве извести.
Бидејќи најчесто жртвите се деца на возраст од 8-9 години, многу психолози сметаат дека ова е разговор што треба да се направи пред таа возраст. Некои, пак, сметаат дека овој разговор треба да се направи што побрзо откако дете ќе почне да разбира повеќе работи.
Најдете мирна околина
Најпрво мора вие да се чувствувате подготвено за да можете да одговорите и на прашањата на вашето дете. Истовремено, добро би било да разговарате на тивко и мирно место каде што нема да ве прекинуваат.
Користете едноставни зборови
За да му објасните на детето кои се неговите интимни делови, наједноставно е да му кажете дека сè што покрива долната облека или костимот за капење е интимен дел. Ако ви е непријатно да зборувате за интимните делови од телото со вашето дете, некои психолози препорачуваат да се консултирате и со педијатар. Тој ќе ви каже како да му пристапите на детето со оваа терминологија, а може и тој самиот да му објасни.
Дајте примери за пристојно и непристојно допирање
Според експертите, сексуалното малтретирање опфаќа присилно допирање или мамење на жртвата да дозволи да биде допрена. Но, овде спаѓа и покажување на интимни делови од страна на напаѓачот, вознемирувачки повици и пораки, па дури и покажување фотографии и видеа со порнографска содржина на деца.
Вашето дете веројатно нема да го сфати сето ова, но можете да му го поедноставите. Прво дајте му пример за „пристојно“ допирање – менување пелени, кога лекарот му става инјекција, кога го бањате...
За да му ги објасните непристојните допири, можете да му речете дека секој допир на интимните делови, или секој допир што ќе направи да се чувствува тажно, збунето или неудобно е непристоен. Истовремено, нагласете му дека непристојно допирање е и ако некој се обидува да му ја стави раката под блузата, панталоните и слично.
Бидејќи неретко напаѓачите им викаат на децата да ги допрат, не заборавајте да му нагласите на детето дека ни тоа не треба да ги допира туѓите интимни делови.