„Ти си вечер дадилка?“ - Иронични работи што треба да престанеме да им ги кажуваме на татковците
Кога станува збор генерално за децата и поконкретно за нивното воспитување се чини дека главната улога ја имаат скоро секогаш мајките. Од една страна сакаме татковците да се поинволвирани во растењето и чувањето на децата, од друга постојано ги земаме на „заб“ и негодуваме во врска со нивниот начин на помагање.
Време е да сфатиме дека како и мајките така и татковците се еднакви родители со полн капацитет за чување и воспитување дечиња. И татковците умеат да сменат пелена, да направат кашичка и фризури исто како што и мајките умеат да брмчат со камиончиња и колички.
Едноставно нема женски и машки работи или мајчински и татковски, туку заеднички родителски обврски.
Во таа насока татковците сé уште се соочуваат со многу стереотипи кои веројатно им одат на нерви, па време е да престанеме да им ги кажуваме:
Конечно ти дојде редот за чување, а?
Нема ред за чување на децата, секој помага подеднакво, на начин како што може и умее. Погрешно е да се мисли дека родителството е еднодимензионална задача резервирана само за мајката. И татковците имаат подеднаков удел и нема МОЈ и ТВОЈ ред за чување.
Ти си вечер дадилка?
Не се вика дадилка, се вика родител. И нема ништо трагично во тоа ако мајката решила да излезе и да се види со пријателките, а таткото го чува детето. Впрочем, не врши никаква специјална задача или услуга, туку си го обавува нормалното родителско право и привилегија.
Мораш да трпиш, што да правиш...
Сé додека живееме со заблудите дека машкото е тоа кое „мора да го истрпи“ чувањето на децата, нема да тргнеме никогаш напред со размислувањата. Ако пак некој сериозно мисли дека „трпи“ некоја мака затоа што треба да го чува детето, нека се запраша дали вреди да се нарекува себеси родител.
Да се молиме да не ја урнеш куќата
Зошто тргнуваме со идејата дека татковците немаат поим како да се грижат за домот и децата? Од самиот почеток ги осудуваме на пропаст со вакви смешни изјави кога е повеќе од јасно дека нема да ја запалат куќата додека мајката не е дома.
Дадете им повеќе кредибилитет и имајте малку верба. Сепак не се мали деца и слично како и мајките и тие развиваат инстинкт откако ќе го земат детето в раце.
Опа, се гледа дека тато те облече денес
Како да е којзнае каква трагедија ако детенцето има 2 различни чорапчиња на нозете. Да не се лажеме на возрасен човек му се случува да направи таква смешна грешка, не пак на некој кој се грижи за дечиња.мора ли да ја споменуваме секоја мала грешка и да ги буцкаме татковците? Точна е облеката, чиста е? Тоа е доволно.
Добро си го истренирала мажот!
Прво, мажот не е куче за да може да упатите ваква подла изјава поврзана со него. Второ, само затоа што има самосвест, карактер, чувство за одговорност и љубов кон детето не значи дека мајката односно жената е таа која извршила влијание врз неговите навики за помагање дома и чување деца.
Леле, па ти менуваш пелени!
Па, да. Не е некоја научна фантастика. Нема нешто трагично, смешно или тешко во врска со менувањето пелени. Сосема обична обврска како и секоја друга.
Среќна си што имаш сопруг кој помага
Само затоа што таткото си ја извршува задачата исто како и мајката не значи дека треба да се чувствува благодарност и да се чудиме како да освоила некаква лотарија.
Впрочем, кога сте слушнале некој да рече дека таткото освоил лотарија со таква супер мајка која ја земал за жена? Крајно време е да се ослободиме од стереотипите и да почнеме да ги третираме мајките и татковците и нивните обврски кон децата како еднакви.
(О)Милена | Црнобело