Роденденска рапсодија: Засекогаш е зборот кој го барам
Велат, кога нешто ќе објавиш на интернет, тоа останува засекогаш. Засекогаш е зборот кој го барам.
Засекогаш.
Сакам оваа роденденска желба да постои засекогаш. Прво како желба. Потоа како желба која ти ја остварувам. Ја мама, на тебе дете. Потоа како желба која сама си ја доцртуваш. Ти, на себе. Потоа како сон кој го живееш и пееш. Ти мој свету. И светот на тебе.
Засекогаш.
Здрава. Среќна. Убава. Насмеана. Храбра. Внимателна. Слободна. Бистра. Радосна. Подготвена. Отпорна. Борбена. Снаодлива. Нежна. Љубопитна. Своја. Насочена кон соништата кои постојат за да се остварат.
Засекогаш.
Засекогаш е временска категорија. Таа ги подразбира моментите кога јас и тато сме на работа. Кога спиеме на плажа како на хартија нацртани. Кога се смееме и кога се муртиме. Кога ги повторуваме магичните зборови: „Те сакам!“. Кога го повторуваме она глупаво, но така корисно „Не!“. Тоа ја подразбира секоја вечер кога ќе се најадеме палачинки и ќе измислуваме нови приказни за добра ноќ. Тоа го подразбира она попладне кога ќе кажеш: „Тато, дипломирав!“ и она утро кога ќе ме разбудиш и ќе ми кажеш: „Мамо, трудна сум!“.
Конечно, во засекогаш потпаѓа сето она кога мене веќе ќе ме нема да те држам за рака. Кога ќе помислиш дека навистина ме нема и не постојам. Дека постои нешто така глупаво што може да ме одвои од тебе.
Тогаш ова ЗАСЕКОГАШ ќе значи нешто посебно. Бидејќи кажува: кога еднаш нешто ќе објавиш на интернет, тоа останува засекогаш. Засекогаш е зборот кој го барам.
Засекогаш е космичка категорија. Го впива просторот од овде до сонцето во Австралија и сибирските снегови. Намокрено е од Индискиот Океан и твоите прегратки. Со него се покриваат канадските езера. Преку него одѕвонува твојата насмевка. Запливува и кон Млечниот Пат. А, се закачува на твојата свилена коса.
Засекогаш.
Засекогаш ќе ти посакувам секој ден да ти е убав ден. Не само утре кога ти е првиот роденден. И не само на 1-ви септември кога ќе појдеш на училиште. Магијата на засекогаш е тоа што трае засекогаш.
Мојата љубов кон тебе е космичка гаранција за љубов. Безвременска и наша. Во неа ја исцртувам оваа роденденска рапсодија, бидејќи преку честитката може сè да исчезне.
Засекогаш – интернетот мора тоа да го прифати и сочува.
А, за секој случај, ти зачувај ја оваа симфонија на желби. Сошиј ја во внатрешниот дел на џебот од твоето срце.
За секогаш.
Среќен роденден мила моја.
Те сака, мама!
Н. Г. | Црнобело