Како да ги научите вашите деца да се фокусираат на позитивните работи во животот?
Уште од најмали, децата сакаат да цртаат и да пишуваат, па потоа радосно трчаат кон вас сакајќи да ви го покажат сопственото ремек-дело.
Секако, вие реагирате со пофалба, но и со поука „Браво, одлично, друг пат внимавај тука си излегол/ла од линијата“.
На тој начин, вие им покажувате на децата каде згрешиле, и сакале или не, правите детето да се фокусира само на негативното нешто.
Наместо тоа, треба да постапите на обратен начин, односно да му укажете на тоа што е убаво, па детето тој модел да го примени насекаде.
Наједноставен пример за тоа е учењето на нови букви, независно дали во училиште или дома.
Ако учителката или вие постојано им ги потенцирате буквите или знаците кои се лошо (не погрешно) напишани, правите детето да ги занемари сите останати одлично напишани букви и да се фокусира само на погрешните.
Токму затоа, следниот пат кога детето ќе ви ја покаже тетратката со нова буква, заокружете ги најубавите и мотивирајте го секоја следна буква да биде еднаква или поубава од таа.
Ќе видите дека резултатите нема да изостанат.
А потоа, ова нека биде ваша метода со која ќе ги научите вашите деца како секогаш да се концентрираат на позитивните работи во животот и храбро да чекорат напред кон нови сè поубави и поубави нешта.
М. С. | Црнобело