Зошто веќе никогаш нема да барам од сопругот да ми помага?
Вчера беше сосема обичен ден. Станав, се истуширав, се облеков и отидов да ги будам децата. Сопругот стана, се истушира, се облече и отиде да ги прошета кутрињата. Потоа ги однесовме децата во градинка. Работевме цел ден, ги земавме децата и стигнавме дома.
Сопругот го однесе 2-годишниот син да види едно мало кутре. Јас ја соблеков јакната на бебето, ја соблеков мојата и ги ставив во гардеробер. Исто и чевлите.
Отидов да се пресоблечам и го земав бебето со мене. Се вративме, а потоа ги расчистив листовите и ситниците од трпезариската маса. Кога завршив, отидовме да си играме во дневна.
Тогаш почна сè. Сопругот се врати со синчето, му ги соблече патиките и јакната и ги спушти на трпезариската маса. Тогаш ми го донесе синот во дневна, па се врати да си направи ужина. Да, само за него, не за децата.
Само тивко му кажав „можеш ли да ми олесниш и да ги ставиш чевлите и јакната во гардероберот?“
Можеш ли да ми помогнеш... можеш ли да ми помогнеш... одеднаш цел живот ми текна што сè сум го замолила да ми помогне.
Можеш ли да ја тргнеш јакната, да го донесеш шишето со меко, да ги измиеш садовите, да ги преместиш чевлите во гардероберот, да го фрлиш ѓубрето...
Одеднаш сè ми стана јасно. Ова беа целосно погрешни зборови. Тој не ми помагаше. Тој е возрасен, мој партнер.
И тогаш гласно изговорив: „Всушност, можеш ли само да го направиш тоа? Тоа не е олеснување, ниту помагање.“
Ништо не рече и само ги тргна јакната и патиките.
Тогаш одлучив дека веќе никогаш нема да го молам сопругот за помош, освен ако навистина не ми треба некоја услуга, како да кажеме, да убие некој огромен пајак.
Зошто?
Тоа ја намалува неговата вредност
Тој е возрасна личност и целосно е способен. Не би требало да го сметам за помошник или асистент или како човек на кој му се потребни упатства за да биде корисен.
Не сакам да бидам одговорна за сè
Организираниот и среден дом не е само моја одговорност. Не ја исклучувам целосно мојата грижа, само доволни ми се 50%. Постојат многу работи кои би сакала да се само мои: јахта, скап автомобил, машина која пегла и чисти наместо мене... Но, стопроцентната одговорност за домот не ми е на списокот.
Не сакам на моите деца да им давам лош пример
Не сакам моите синови да мислат дека ако го спуштат капакот од тоалетната школка, прават услуга на жената. Не сакам да мислат дека заслужуваат посебно признание ако самите си го фрлат ѓубрето или си ја средат облеката.
Не сакам односот да трпи
Мојот сопруг е мој партнер. Можеби не ги правиме работите на идентичен начин, но имаме заедничка цел. Не сакам да му изигрувам шеф. Исто така, не сакам тој да мисли дека задача му е да ми помага, затоа што не му е. Негова задача е да биде добар сопруг и татко. И убиец на големи бубачки.
Така што, следен пат кога неколку дена облеката ќе ја остави во машината за сушење, наместо да го замолите „да ви помогне“, убаво кажете му да го среди нередот.