Кога е најдобро децата да почнат да учат да пливаат и колку време им е потребно?
Учењето на детето да плива пред 4-годишна возраст обезбедува корисна основа, но поголем развој на вештините не се очекува до 6-8 годишна возраст.
Учењето на децата да пливаат е клучно за да се спречи давење, а исто така е добро за забава и фитнес.
Но, многу родители си го поставуваат прашањето за тоа која е најдобрата возраст да се учат децата да пливаат.
Во некои земји почнуваат да ги учат децата на оваа вештина и од 6 до 18 месечна возраст, но сепак, повеќето практикуваат совладувањето на таа вештина да ја остават за подоцна.
Кога да започне детето со часови по пливање?
Секое дете е различно и се развива со различно темпо, што значи дека нема еден точен одговор за тоа кога детето треба да учи да плива.
Сепак, родителите треба да ги охрабруваат децата уште од најмала возраст, а притоа да се земат предвид неколку фактори, како физичка способност, ментален капацитет за учење и целокупното ниво на удобност во водата.
Се смета дека колку порано децата се изложени на вода, толку поудобно и посигурно ќе се чувствуваат понатаму.
Учењето на детето да плива пред 4-годишна возраст обезбедува корисна основа, но поголем развој на вештините не се очекува до 6-8 годишна возраст.
Сепак, се смета дека повеќето деца околу нивниот четврти роденден се подготвени за часови по пливање.
На таа возраст тие обично може да ги научат основните вештини за преживување во вода, како доаѓање до излезна точка.
Во раните години, децата обично ги учат основите, како што е удобност да имаат вода на лицето и ушите, техники за дишење и слично.
Колку време им треба на децата за да научат да пливаат?
Времето кое ќе му биде потребно на детето за да научи да плива е многу индивидуално.
Сепак, се смета дека ако детето почне да учи да плива на возраст од осумнаесет месеци до три години, ќе му треба една година часови по пливање пред да почне да ја совладува оваа техника.
Ако пак детето започне да учи по тригодишна возраст, ќе му треба околу половина година редовни часови по пливање за да научи како да се однесува одговорно и безбедно во вода.
Постојат некои аспекти кои влијаат на тоа колку долго ќе му треба на детето да научи да плива.
Колку поредовно посетува часови, толку побргу ќе научи.
Исто така и стравот има влијание.
Ако детето не се плаши од вода, ништо нема да го спречи да научи како да плива и тоа за кратко време.
Исто така некои деца имаат подобри моторни вештини и координација од другите, а тоа во голема мера ќе влијае на брзината со која детето учи како да плива.
М. Ѓ. | Црнобело / фото: freepik.com