Што им порачуваат татковците на синовите?
Минатиот пат ги испровоциравме татковците да зборуваат за нивниот однос со ќерките. Но, бидејќи веруваме во она каков татко – таков син , сега ги запрашавме татковците за нивните синови.
Што ни раскажаа татковците?
„Мојот син и јас сме најдобри пријатели. Некаде имав прочитано дека моќта на мажот не е во тоа колку добри другари има, туку во тоа колку е добар другар со неговите деца. Почнав тоа да го применувам. Со мојот син одам на ручек барем еднаш неделно, разговараме за неговите планови, играме фудбал и кошарка заедно или некоја партија карти. Мислам дека родителот треба да биде и најголемиот пријател, секогаш спремен да го ислуша своето дете, а не да го кара и критикува секој пат кога ќе погреши.“ – Атанас, 50 години
„ Посакував мојот син да не биде ист како мене. Благодарение на неговата мајка, така и бидна. Тој сега е зрел маж, свесен за своите постапки и одлуки , човек кој има дијаметрално спротивни гледишта од моите и човек со кој обожавам да дебатирам.“ – Милан, 47 години
„Син ми ја наследи мојата професија. Горд сум на тоа што напорно работи бидејќи не сака да стане добар доктор на стара слава. Среќен сум што одбра да им помага на луѓето и што порасна во еден хуман и чесен човек.“ – Никола, 53 години
„ Сакам мојот син да знае дека откако ќе оформи свое семејство на врвот од листата на приоритети треба да ги стави сопругата и децата, а не пријателите и фудбалот. Тоа е формулата за среќен брак.“ – Јовица, 50 години
„Секој татко треба од својот син да направи цврст, стабилен човек кој знае што сака во животот и се бори за да стигне до тоа. Да го научи на тоа дека жените треба да ги сакаш и во оние моменти кога не можеш да сфатиш за тоа што ти зборуваат. Дека треба да научи да штеди, секој ден, за доброто на неговите деца, бидејќи никој од нас не знае што носи иднината.“ – Тони, 56 години
Автор: М.К. | Црнобело