10 работи кои секое дете со аутизам сака да ги знаете
Понекогаш се чини дека најочекуваното нешто што може да го направите е неочекувано. Единственото константно нешто е непостојаноста. Аутизмот е непредвидлив дури и за тие што мислат дека знаат сè и што секојдневно живеат со него.
Децата кои имаат аутизам изгледаат нормално, но нивните навики и однесувања се оние кои се проблематични и непредвидливи.
Аутизмот претставува некој вид ментално нарушување, но не треба да се сфати во буквална смисла и да се стават во една категорија ваквите луѓе.
Постојат различни зони во кои може да настане тоа нарушување, а со тоа постојат и начини за справување со нив, зависно дали се работи за нарушување во говорот, емоциите, однесувањето или социјализацијата.
Многупати се покажало дека лицата со аутизам, особено децата се трудат многу да се вклопат во средината и да ги надминат проблемите кои ги имаат. Најдобри резултати постигнуваат кога наидуваат на разбирање и прифаќање од околината.
За да им помогнете, најважно е да можете да ги разберете. Секое дете со аутизам би сакало да ги знаете барем овие 10 работи:
1. И јас сум дете
Мојот аутизам е само еден дел од мене, а не ме претставува целосно. И ти можеби носиш очила за гледање, имаш преголема тежина, некој посебен талент, желби, соништа. Но, тоа се работи кои ги гледам на прв поглед, ако те запознаам ќе дознаам многу повеќе работи за тебе. Ти си повеќе од тоа, нели?
Ти како возрасен може да одбереш како ќе се дефинираш себеси и како ќе ми се претставиш. Јас не можам да го направам тоа, затоа што и не знам што сè можам да направам. Ако ме гледаш како дете со аутизам и имаш ниски очекувања, јас тоа го чувствувам и природната реакција ми е: зошто воопшто да се обидувам?
2. Моите сетила не функционираат правилно
Сетилата за мирис, вкус, допир, вид не функционираат исто како кај тебе. Кај мене се многу посилно изразени, често ми создаваат болка и затоа сум почувствителен/на. Може неочекувано да избегам, да почнам да плачам или да се нервирам, затоа што не можам да го контролирам чувството кое ми се создава.
Можеби за тебе е незабележително, но мене може да ми пречи премногу силна светлина, мирис на некоја храна, звукот од приборот за јадење. Не можам да ти кажам што ми е точно, но нека не те плаши мојата реакција. Само биди во моја близина, не се плаши и не ме осудувај.
3. Биди трпелив/а и обиде се да сфатиш што не можам и не сакам, наспроти тоа што не сум способен/на да те разберам
Не е дека не сакам да те послушам кога ми зборуваш, туку не те разбирам. Ако си подалеку од мене и ми довикуваш, мене ми се слушаат хаотични звуци.
Ако сакаш нешто важно да ми кажеш или да ме натераш да направам, тогаш дојди поблиску до мене и кажувај ми ги зборовите јасно и полека додека ми се обраќаш.Така јасно ќе разберам и ќе можам да те послушам.
4. Јас размислувам, сфаќам и зборувам буквално, не употребувај метафори
Што и да сакаш да ми кажеш, употребувај ги вистинските соодветни зборови со нивното буквално значење. Не ми вели дека сум дотеран/а како бонбона, ако никаде нема бонбона.
Кога сакаш да кажеш дека има сонце додека врне, а велиш: „Мечка се жени“, може да ме исплашиш, затоа што јас очекувам да видам страшна мечка. Кажувај ми го тоа што треба да го разберам.
5. Забележувај ги сите мои реакции. Така се обидувам да комуницирам
Тешко ми е да ти кажам со зборови што ми треба, па добро би било ако се потрудиш да ми го разбереш говорот на телото, гримасите и мимиките кои ги правам. Сакам и да ти зборувам, но моите зборови може да те изненадат.
Јас употребувам сè што слушам, читам, гледам. Понекогаш може да употребам и многу комплицирани зборови или терминологија која не е соодветна за мене, но јас не го знам значењето. Знам само дека треба да зборувам. Имај трпение и ќе ме разбереш.
6. Нацртај ми, покажи ми што сакаш да видам, да направам
Многу подобро разбирам ако визуелно ми биде нешто претставено. Додека ми зборуваш, добро е и ако можеш да ми нацрташ. Многу полесно ќе те разберам, а во иднина ќе знам и кои зборови да ги употребам.
Покажувај ми повеќе пати. Те молам имај трпение. И јас сакам да ти возвратам и да ме разбереш, само те молам помогни ми и имај трпение.
7. Верувај во мене и дај ми поддршка, потсетувај ме на сè што можам, а не на тоа што не можам
Исто како и сите други кои кога учат нешто сакаат да веруваат дека можат да успеат, така и јас. Потребна ми е околина во која се чувствувам сигурно, сакано и прифатено.
Не можам да напредувам ако почувствувам дека некој е разочаран од мене или ако постојано ми кажува колку работи не можам да направам. Наместо тоа, мотивирај ме, кажи ми што сè научив и што сè можам, а јас ќе направам и многу повеќе од тоа. Има повеќе начини за да се направат некои работи како што треба.
8. Помогни ми да се социјализирам
Можеби изгледа како да не сакам да си играм со никого, но всушност јас не знам како да ја играм играта како нив. Покажи ми како да се дружам со другите. Објасни им и на другите деца како да си играат со мене. Можеби ќе успеам да се вклопам.
Јас не го разбирам говорот на тело и гримасите кои ги прават другите деца. Не знам ниту исто да ја играм играта, а не знам ниту како да реагирам правилно. Научи ме.
Ако се насмеам кога ќе падне некое дете, тоа не значи дека мислам дека е смешно, туку не знам како да реагирам. Објасни ми дека тоа не е во ред, па ќе знам за секоја следна таква ситуација. Но, објасни им го тоа и на другите деца.
9. Препознај ги моите невообичаени реакции
Сакам да знаеш дека неочекуваните и неконтролираните реакции се многу посилни за мене, отколку за тебе. Тие се така изразени, затоа што со моите сетила јас ги чувствувам многу понагласено.
Понекогаш може да бидат и знаци за тоа што не можам да ти го искажам со зборови. За жал, почесто се превентивен знак за нешто непријатно што го чувствувам внатрешно или надворешно. Може да е страв, болка, паника, но може и да е начин за изразување на мојата љубов и среќа.
10. Сакај ме безусловно
Те молам, пред мене не употребувај изрази како „Ех, ако беше само...“ или „Зошто не можеш да...“. Сигурно и ти не си ги исполнил/а сите очекувања ан родителите, па тоа не ти го повторуваат секојдневно.
Јас не одбрав да имам аутизам. Знај дека тоа ми се случува мене, не тебе. Но, без твојата поддршка моите шанси да пораснам во успешна и независна личност се многу мали.
Три зборови се најважни во нашиот однос: Трпение, трпение, трпение.
Гледај го мојот аутизам како поинаква способност, а не како неспособност. Потсети се на тоа што го можам, а не на тоа што не го можам. Истакни ги моите предности. Можеби не можам да воспоставам секогаш контакт со очите или правилно да разговарам, но дали забележа дека не лажам, не ги осудувам другите луѓе, не озборувам?
Јас се потпирам на тебе. Биди мој водич. Сакај ме за тоа што сум и јас ќе направам сè за да ти покажам дека можам и многу повеќе.