Отворено писмо од едно сираче: Која ми е вистинска мајка?
Зарем може нешто да ја оправда мајката која го оставила своето дете во дом за сираци со изговор дека такви биле околностите?
Прашање кое секојдневно си го поставува едно сираче кое било посвоено од жена која што не можела да има деца.
Ова е писмото со кое тоа им се обраќа на двете мајки поединечно, но сепак испреплетено, исто како и неговите емоции кон двете жени кои ги нарекува мајки.
„Здраво јас сум твојата вистинска мајка - беа првите, но и последните зборови кои ги слушнав од мојата вистинска мајка, ако можам да ја наречам така.
Се прашувам што е тоа што ја прави вистинска, зарем фактот дека ме носела во стомак 9 месеци и ме родила е доволен?
Зарем е вистинска ако нè спојува вистинска крв, заедничка крв... А таа што ме пораснала зарем е помалку важна и лажна?
Премногу прашања во главата, но без одговор, одговорот лежи во моето срце иако не сакам да го кажам на глас, на моите уши нема да им се допадне.
„Па зошто се согласи да се видиш со неа?" - ме праша мојата „лажна мајка" што ме посвои, онаа што ме гледаше, онаа што цел живот ја нарекував „мамо“.
Немав одговор што би го задоволило нејзинотот прашање, си помислив можеби затоа што сакав да дознаам дали воопшто мисли на мене, дали се кае за тоа што го направила или пак затоа што сакав да го истурам сиот свој бес кон нејзе, осудувајќи ја нејзината постапка што ми го промени животот?
Само кога би знаела како се чувствувам, си велам можеби би ја сменила одлуката назад во времето, само кога би знаела.
Но, нема да дознае... Нека се прашува како ми е, нека ја чува таа грижа на совест која никогаш нема да ѝ даде мирен сон, јас ќе бидам нејзиниот кошмар од кој ќе сака да се разбуди, но никогаш нема да успее.
Сакам да ѝ биде криво што се откажала од личност која никогаш не би се откажала од неа, сакам да ѝ биде мака што ме отфрлила како врапче неприфатено од своите родители само поради тоа што е мало и не знае да лета самостојно.
Ме отфрлила како партал, непотребно парче облека, го носела девет месеци и одлучила дека не го сака повеќе...
Откако дознав дека сум посвоена и дека некој што цел живот сум го сакала и мислела дека е мојата вистинска мајка, започнав да се прашувам уште нешто...
Како може да постојат толку добри луѓе како што е мојата „лажна" мајка кои може да се грижат за дете кое не е нивно родено?
Таа е мила, таа е онаа што ме хранела, таа е таа што ја сакам, таа е мојата вистинска мајка.
Затоа не сакам да ги дознаам твоите оправдувања, затоа си заминав кога одлучив да се сретнеме, две минути откако те погледнав во очи. Тие две минути беа доволни за цел живот.
Сега повеќе не се прашувам која е вистинската мајка, знаеш, сега знам, срцето ми одговори, а јас го кажувам на глас одговорот иако ушите одбиваат да го слушнат.
Вистинската мајка е таа што те сака безусловно и никогаш не се откажува од тебе, без разлика на сè, таа што ти вели „ќерко“ и без крвна поврзаност, ете таа е вистинската мајка.
А ти, ти пробај да ја смириш твојата грижа на совест, јас ти простив веќе, прости си и ти, продолжи, можеби ќе преболиш некогаш, можеби...”
Автор: Д. М. | Црнобело