Знаци дека тинејџерите се соочуваат со некаков проблем – родителите не треба да ги игнорираат
Промената на расположението кај тинејџерите не е нешто невообичаено, но, интензивната тага или страв може да биде знак за проблеми со менталното здравје.
Додека ги гледаме нашите деца како растат, сите понекогаш имаме моменти кога си спомнуваме: „Кога и што порасна моето бебе?“
Одеднаш, вашето малечко стана тинејџер, а работите почнуваат да стануваат малку покомплицирани…
Превртувањето на очите станува поинтензивно, одговорите стануваат пократки, а детската соба, каде што некогаш бевте толку добредојдени со вашите приказни и гушкања, сега се претвори во таинствено место каде што немате секогаш пристап…
Но, под таа тинејџерска лутина и нерасположение, може да се крие нешто посериозно, нешто што во никој случај не смеете да го игнорирате.
Знаци кои се загрижувачки кај тинејџерите и треба да обрнете посебно внимание:
Драстична промена на стилот
Да, тинејџерите ги сакаат своите блузони, но, ако вашето дете одеднаш одбие да носи нешто што ја покажува неговата кожа, можеби е време да прашате зошто.
Самоповредувањето често се манифестира на скриени места – раце, бутови, стомак, места кои лесно можат да се скријат со облека.
Секако, некогаш наглата промена на стилот е и дел од растењето, но ако забележите дека детето по секоја цена проубва да се скрие, можеби е време за разговор.
Детето станува позатворено
Ако вашиот дружељубив тинејџер одеднаш стане поинтровертен, ги откажува плановите или почне да се изолира, тоа е знак дека нешто можеби не е во ред.
Додека за одредено време е сосема нормално, особено за тинејџерите, продолжените периоди на изолација не се.
Прекумерна таинственост
Секако дека сите ние имаме работи што не би сакале да ги споделиме, но, ако вашиот тинејџер почнува да станува премногу одбранбен за својата приватност, тоа може да биде знак дека крие нешто повеќе од само лоша оценка.
Екстремни емоции
Промените во расположението кај тинејџерите може да биде непредвидливи, но ако детето манифестира поекстремно однесување како интензивна тага, гнев или вознемиреност што трае подолго од вообичаеното, тоа може да биде предупредувачки знак кој не смеете да го игнорирате.
Опсесивни интереси
Дали детето одеднаш покажува необично однесување, како што е компулсивно чистење, организирање или вклучување во повторливи дејства?
На овој начин тоа може да се справува со емоционалната болка.
Дополнително, обрнете внимание на какви било изрази на безнадежност, омраза кон себе или вина, без разлика дали преку зборови, постапки или креативни изразувања, како пишување, сликање и слично.
Негативно влијание од пријателите
Однесувањето на врсниците има силно влијание, особено за време на адолесценцијата, кога приспособувањето и споделените искуства се клучни. З
атоа, обрнете внимание на тоа во какви кругови се дружи вашето дете и навики ги присвојува, па разговарајте со него.
Секако, како родител лесно може да се чувствувате преоптоварени или несигурни околу тоа кои чекори да ги преземете понатаму.
Најпрво, важно е да се информирате добро, така што подобро ќе може да ги препознаете предупредувачките знаци и да ги поминете тешките разговори. Не мора да држите формален говор, туку отворените прашања се најефективни.
Создајте средина каде што вашето дете ќе се чувствува безбедно за да ги сподели своите мисли. Клучот е да слушате без осудување и да им дадете до знаење на децата дека не се сами.
Кога детето ќе ви ги сподели проблемите, избегнувајте избрзани заклучоци или нудење брзи решенија.
Честопати, најдоброто нешто што може да направите е да ги потврдите нивните чувства.
Фразите како „Ова звучи навистина тешко“ или „Гледам зошто се чувствуваш така“ им помага на тинејџерите да се чувствуваат слушнато и разбрано, а ова може многу да помогне во градењето доверба и поттикнувањето идни разговори.
М. Ѓ. | Црнобело / фото: freepik.com