„Лажев дека користам контрацепција бидејќи сакав дете, а сопругот не – како да му кажам дека сум бремена?“
„Пред осум месеци престанав да ги пијам апчињата за контрацепција и не му кажав на сопругот. Знам дека звучи лошо, но станував очајна. Сега сум бремена и не знам како да му кажам на сопругот“.
Одлуката да се стане родител е една од најсериозните во животот и партнерите треба да се согласуваат на оваа тема.
Сепак, дури и ако двајцата сакале деца, некогаш се случува едниот партнер да се премисли или уште да не се чувствува подготвено. Во овие ситуации, разговорот е клучен.
Но, се чини некои одлучуваат да ги преземат работите во свои раце, како анонимна жена од Англија која го лажела сопругот дека пие апчиња за контрацепција.
Па, останала бремена и сега бара совет дали да му каже на сопругот.
Писмото на жената испратено до колумнистката на Daily Mail, Џејн Грин:
„Не се гордеам со тоа што го направив, но веќе е предоцна и ми треба твој совет.
Со сопругот се запознавме на 39-годишна возраст и се венчавме две години подоцна. Денес сме 34 години.
Уште од почетокот, една од работите што ми се допадна најмногу кај него е неговата желба за семејство. На третиот состанок зборувавме дека сакаме деца, колку би сакале да имаме, па дури и кои имиња би им ги дале.
Но, како што минуваше времето, животните ситуации ни застануваа на патот. Останав без работа, а потоа се преселивме поблизу до нашите семејства за да се грижиме за родителите. Како да заборавивме на децата.
Изминативе 18 месеци пробувам да му кажам на сопругот дека сакам да почнеме да се обидуваме, но тој го избегнува разговорот.
Вели дека не е подготвен – дека треба да почекаме да бидеме финансиски постабилни.
Го разбирам, но за него е поразлично. Како жена, знам дека ми отчукува биолошкиот часовник.
Не сакав да замрзнувам јајцеклетки. Скапо е и загрижена сум дека нема да функционира.
Па, пред осум месеци престанав да ги пијам апчињата за контрацепција и не му кажав на сопругот.
Знам дека звучи лошо но станував очајна. Секако, продолживме да имаме секс како вообичаено и сега… сега сум во вториот месец од бременоста.
Страв ми е да му кажам. Знам дека ќе биде среќен за бебето, но не знам дали да му признаам што направив.
Сето ова ми ја убива радост за мајчинството.
Го лажев и се чувствувам ужасно. Но, исто така не знам дали треба да му кажам. Отсекогаш сакал деца и можеби ова е поттикот што му бил потребен.
Па, што да правам?“
Одговорот од колумнистката:
„Најпрво, честитки за бременоста.
Си чекала долго време и знам колку е силен притисокот од биолошкиот часовник.
Жал ми е што прикривањето на вистината ти ја уништува радоста. Но тоа, за жал, е проблемот со лажењето – секогаш има последици.
Мислам дека во овој случај нема точен одговор.
Јас цврсто верувам дека тајните се болест и дека треба да се трудиме да живееме искрено.
Но, исто така верувам дека треба да се обидуваме да им предизвикаме што помалку болка на саканите.
Па, што ако почекаш уште малку?
Колку и да сакаш да се ослободиш од товарот, не гледам какво добро би ти направило тоа сега.
Кажи му дека бременоста е неочекувана среќа. Со малку среќа, за неколку месеци ќе имаш убаво бебе и тогаш ќе одлучиш дали сакаш да признаеш.
Мислам дека ако му ја кажеш целата вистина, подобро ќе ја прифати откако и двајцата ќе се вљубите во вашето дете.
Родителството е волшебно искуство и штом ќе добиете дете, секоја грижа за тоа како си забременила ќе ви се чини неважна“.
Што мислите вие? Дали жената треба да ја чува тајната за себе или сепак да му ја каже вистината на сопругот?
Спирова С. | Црнобело