Знаци дека вашата ќерка наскоро ќе ја добие првата менструација (и како да постапите)
Во минатото не се зборуваше многу за менструацијата, па многу од девојчињата беа изненадени кога првпат ќе се соочеа со таквата ситуација. За среќа, денес сме повеќе информирани, а родителите знаат дека е важно да зборуваат за женското здравје со нивните ќерки.
Првата менструација е стресна за секое девојче бидејќи означува голема промена. Ова е особено изразено ако девојчето не е запознато со својата анатомија и не знае што му се случува.
Токму затоа, на девојчињата треба да им се зборува за нивното тело и да ги подготвите за она што ги очекува.
Кои се знаците дека вашата ќерка ќе ја добие првата менструација и како да ѝ помогнете?
Како да препознаете дека вашето девојче наскоро ќе ја добие првата менструација?
Развојот на градите и срамните влакна се рани показатели дека пубертетот „е на пат“. Според National Library of Medicine, развојот на брадавиците на градите најчесто започнува две до три години пред првата менструација, а развојот на срамните влакна обично се случува една до две години пред менструацијата.
Во месеците пред првата менструација на вашето девојче, може да се забележи:
- Акни
- Болка во градите
- Емоционална нестабилност
- Проширување на колковите
- Влакна под пазувите
- Поинтензивен раст
Како што се приближува времето за добивање на првата менструација, девојчињата може да се жалат на:
- Грчеви во стомакот
- Промени во расположението
- Замор
- Констипација или дијареја (од една крајност во друга)
- Надуеност и гасови
На која возраст најчесто започнува првата менструација?
Не постои вистинска возраст на која треба да се добие менструацијата, зашто секое тело е различно и си има свој „распоред“.
Повеќето девојчиња ја добиваат својата прва менструација на возраст од околу 12 години, но и времето помеѓу 10 и 15 години е нормално.
Првите години од добивањето на менструацијата, може да биде нередовна. На почетокот е сосема нормално, но по 2-3 години од добивањето на првата менструација, девојчето треба да добива месечен циклус на секои 4 до 5 недели.
Менструацијата најчесто трае околу 5 дена, но може да биде и пократка и подолга.
Како да се однесувате понатаму?
Ако сметате дека првата менструација на вашето девојче веќе е овде, тогаш треба да продолжите со едуцирањето за истата, а еве неколку предлози:
- Едуцирајте ги преку филмови, книги, серии
- Кажете им како се користат влошки, тампони и други менструални производи
- Разговарајте колку е важно да се одржува хигиената на високо ниво
- Зборувајте за менструацијата како нешто сосема нормално
Разберете дека секое дете е различно и различно може да реагира. Мајките знаат колку е непријатен тој период и колкава бура на емоции може да настане, па затоа, бидете до вашето девојче и зборувајте што е можно повеќе отворено, затоа што менструацијата е нормален процес, а не тема која треба да се занемари.
М. Ѓ. | Црнобело / фото: freepik.com