Емотивна приказна: Го киднапирале кога се родил, успеал да ја најде мајка му по 42 години
Влегувајќи во домот на неговата мајка, Тајден бил пречекан со 42 шарени балони, а секој од нив означувал една година изгубено време со неговото чилеанско семејство. Откако го родила, на неговата мајка ѝ кажале дека починал, но тој всушност бил киднапиран...
Пред повеќе од 42 години, на Марија Анџелика Гонзалес ѝ бил одземен синот веднаш по раѓањето, а потоа ѝ рекле дека починал. По толку долг период, таа се сретнала лице в лице со него, во нејзиниот дом во Валдивија, Чиле.
„Многу те сакам“ на шпански јазик и низ солзи ѝ рекол Џими Липерт Тајден, додека ја прегрнувал својата мајка.
Неговата потрага по биолошкото семејство, кое никогаш не го запознал, започнала во април минатата година, откако прочитал вести за посвоеници родени во Чиле, кои биле повторно обединети со нивното биолошко семејство, со помош на чилеанската непрофитна организација, Nos Buscamos.
Организацијата открила дека Тајден бил предвремено родено бебе, во болница во Сантијаго, и бил сместен во инкубатор.
На мајка му ѝ било кажано да ја напушти болницата, но кога се вратила да го земе своето бебе, ѝ било соопштено дека тоа починало, а телото не ѝ било покажано.
„Документите што ги имам за моето посвојување ми покажуваат дека немам живи роднини. Во последните неколку месеци дознав дека имам мајка и четири браќа и сестра“, открива Тајден.
Непрофитната организација проценила дека во 1970-тите и 1980-тите години, од чилеански семејства биле одземени десетици илјади бебиња.
„Овие деца беа украдени од сиромашни семејства, сиромашни жени кои не знаеја. Тие не знаеја како да се бранат“ – вели Костанца дел Рио, основач и директор на организацијата Nos Buscamos.
Откако братучедот му помогнал да ја воспостави врската со неговата биолошка мајка, најпрво мајка му Гонзалес не ги прифаќала неговите телефонски повици, додека тој не ѝ испратил порака со фотографии од сопругата и нивните ќерки, неговата венчавка и многу други незаборавни моменти.
Потоа, тој отпатувал во Чиле со сопругата Јохана и нивните две ќерки, Еба Џој и Бети Грејс, со цел да го запознае своето биолошко семејство.
Влегувајќи во домот на неговата мајка, Тајден бил пречекан со 42 шарени балони, а секој од нив означувал една година изгубено време со неговото чилеанско семејство.
„Сине, немаш поим колку плачев за тебе. Колку ноќи лежев будна, молејќи се Бог да ме остави да живеам доволно долго, за да научам што ти се случило“, се присетува Тајден на зборовите на неговата мајка.
Тајден сфатил дека тој и мајка му имаат заедничка љубов кон готвењето.
Посвоителите на Тајден го поддржувале неговото обединување со изгубените роднини, но рекле и дека биле „несвесни жртви“ за тоа нелегално посвојување.
М. Ѓ | Црнобело