„Со сопругата сакаме да ја дадеме 2-месечната ќерка на посвојување – не можеме да се грижиме за неа“
„Сопругата не се грижи за ќерка ни. Одлучивме да ја дадеме на посвојување“, гласи исповедта на анонимен маж кој смета дека посвојувањето е најдобро за нивната 2-месечна ќерка.
Анонимен корисник на Редит откри дека со сопругата добиле ќерка, но заклучиле дека не можат да се грижат за неа. Па, на крај, одлучиле да ја дадат на посвојување.
Неговата исповед во продолжение:
„Јас (35) сум загрижен дека мојата сопруга (33) не е многу заинтересирана за нашата 2-месечна ќерка.
Јас и сопругата Кетрин сме во брак осум години. Пред да се венчаме, се гледавме три години и, како секој пар, си имавме подеми и падови.
И двајцата сме вљубени во својата работа и кариера, многу тврдоглави и навикнати да го добиваме она што го сакаме, што може да ни предизвика проблеми ако не сме внимателни.
Со текот на времето, научивме дека некогаш е подобро да се помириме со тоа дека не се согласуваме (да направиме компромис), а некогаш навистина да разговараме за проблемот.
За жал, овој пат не сум сигурен кое од двете треба да го направиме.
Пред два месеца, Кетрин ја роди нашата ќерка Елизабет. Имаше многу лесна бременост, единствено имаше мачнина во првите неколку месеци.
Кетрин беше во можност да работи до една недела пред породувањето и тоа е едно од работите за кои моравме да направиме компромис.
Таа работи во лабораторија, па јас бев загрижен за нејзината безбедност, но таа имаше свои причини зошто сака да работи во толку одмината бременост.
За друга работа што направивме компромис е породилното отсуство. Јас сакав таа да земе шест недели отсуство бидејќи мислев дека ќе биде преморена.
Јас собрав доволно слободни денови за и јас да можам да бидам дома, па заедно да се грижиме за Елизабет. Сопругата се врати на работа по две недели, што е побрзо отколку што се надевав.
Мoжам да кажам дека навистина се трудиме подеднакво да ја поделиме грижата за Елизабет. Двајцата одлучивме дека нема да биде доена – со работата на сопругата не е практично, а и таа баш и не сакаше.
Преку една ноќ се менуваме за хранењето навечер. Јас одам на работа подоцна, па наутро јас се грижам за неа. Но, сопругата се враќа порано, па навечер да се грижи за ќерка ни.
Во текот на денот, Елизабет е со свекрвата која живее со нас.
Кога и двајцата сме дома, ги делиме обврските, и овде почнува мојот проблем.
Забележав дека кога на Елизабет навистина ѝ треба нешто (хранење, менување пелена, капење), Кетрин обично не прави ништо. Дури и кога плаче, Кетрин обично не прави ништо за да ја смири.
Знам дека некогаш бебињата плачат без причина, но зарем Кетрин не би требало барем на момент да ја земе во раце и да ја смири?
Покрај тоа, кога ќерка ни не плаче, Кетрин нема никаква интеракција со неа.
Не можам а да не направам споредба со грижата што ѝ ја даваме јас и свекрвата.
Се прашувам дали само имаме различни стилови на родителство или ова е нешто за коешто треба да бидам загрижен“.
Во коментари, повеќето корисници го советуваат да разговара со сопругата за да најдат решение за проблемот.
Но, потоа загрижениот татко ја дополнил објавата, откривајќи дека ќе ја дадат ќерка им на посвојување.
„Оваа недела ќе се консултирам со адвокат но сакам да знам што можам да очекувам. Јас и сопругата сакаме да ја дадеме ќерка ни на посвојување.
Дали има некои закони кои можат да имаат влијание врз овој процес? Дали членови на семејството можат да поднесат некаква жалба против нас? Колку долго ќе трае целиот процес?“
Во коментари, некои го советуваат да не брза и му велат дека сопругата можеби има постпородилна депресија.
Но, сопругот вели дека била на психијатар кој утврдил дека менталното здравје ѝ е во ред.
Други го советуваат да го префрлат старателството на свекрвата која веќе секако се грижи за ќерка им.
Спирова С. | Црнобело
фото: freepik.com