Едукативно видео: Што да прави вашето дете кога мисли дека некој го следи?
Јутјуберка од Србија со ќерка ѝ направила едукативно видео во кое покажува како да постапат децата кога мислат дека некој ги следи. Таа споделува и неколку совети за како безбедно да одат и да се враќаат од училиште.
По исчезнувањето и трагичната смрт на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, родителите од цела Македонија се поисплашени за безбедноста на нивните деца.
Јавноста почна да дискутира и за создавање некаков систем со кој ќе се овозможи брзо известување доколку некој исчезне.
Од неодамна, во Србија беше активиран ваков систем, сличен на таканаречениот „Амбер алерт“ кој потекнува од САД, а го имаат применето бројни други земји ширум светот.
Системот во Србија е познат како „Пронајди ме“ и беше активиран во октомври годинава.
Тој период, на социјалните мрежи почна да се споделува и корисно видео на српски јазик што дефинитивно треба да го изгледа секое дете.
Во видеото се прикажани неколку совети за како да постапат децата доколку мислат дека некој ги следи.
Видеото е направено од жена по име Елена Царкова која, според објавите, потекнува од Русија, но живее во Белград.
Таа е и јутјуберка која споделува видеа од нејзиниот живот во Србија.
Видеото, вели, го снимила со нејзината ќерка.
„Не можев да најдам нешто на оваа тема, а бидејќи и самата сум мајка, ова е нешто за коешто сум загрижена. Затоа, јас и ќерка ми го направивме ова видео“, пишува Елена.
„Задолжително покажете му го ова видео на вашето дете.
Што да направите ако некој ве следи?
Ако шетате сами низ градот – внимавајте. Ако мислите дека некој ве следи – проверете.
Застанете додека гледате нешто или наведнете се да ги врзете врвките од патиките. Ако и тој што ве следи застане, немојте да се криете.
Немојте да одите на напуштено место. Немојте да одите во влез од зграда.
Веднаш отидете на безбедно место. Најдобро пронајдете постојка за градски автобус каде што има многу луѓе или продавница, аптека, кафетерија и слично.
Таму можете да им се јавите на вашите родители.
Почекајте ги родителите таму“.
Во описот на видеото, таа дава и неколку совети за безбедност за деца:
„Како вашето дете да се врати од училиште на најбезбеден начин?
Најдете најсигурен пат – места со луѓе, осветлени улици, регулирани раскрсници! Избегнувајте опасни места: градилишта, гаражи, обраснати области. Неколкупати изодете го безбедниот пат со вашето дете.
Објаснете му на детето дека не смее да му биде одвлечено вниманието од други работи, да го скратува или да го менува патот.
Важно: Деца, запомнете го бројот на телефонот на еден од родителите, најдобро двајцата... Телефоните можат да се изгубат, да се расипат, да се скршат во најлошиот момент. Исто така, треба да ја знаете домашната адреса и целото име на родителите.
Во случај на опасност, покажете му на детето каде по пат може да најде безбедно место и да побара помош.
Објаснете му кому да се обрати за помош, како чувар, продавач, мајка со дете.
Повторете ги правилата во сообраќајот – да поминува улица на семафор или пешачки премин.
Објаснете му дека не смее да разговара со непознати, особено ако некој нешто му нуди или го повика“.
Спирова С. | Црнобело