„Кога станав татко добив депресија – не знаев дека постпородилна депресија може да се појави и кај мажите“
„Првиот пат кога ја држев во раце, сфатив дека никогаш не сум видел нешто толку совршено. Но одеднаш, од никаде, станав многу депресивен. Тоа што за мене ќерка ми беше најсовршеното нешто значеше дека јас никогаш нема да бидам доволно добар за неа“.
За жал, сè уште постои стигма околу проблемите со менталното здравје, а овде спаѓа и постпородилната депресија од која страдаат многу жени. Можеби затоа ретко кој знае дека и новите татковци можат да се соочат со депресија по раѓањето на бебето.
Дури и мажите кои се соочиле со оваа депресија не се свесни што им се случува бидејќи неретко им е страв и срам да побараат помош.
Татко кој се нашол во ваква ситуација решил да го сподели своето искуство за магазинот Insider со цел да ја зголеми свеста за овој проблем.
Неговата исповед во целост:
„Пред две години го добив првото дете. Ништо не можеше да ме подготви за огромната промена што ми ја донесе во животот. Првиот пат кога ја држев во раце, сфатив дека никогаш не сум видел нешто толку совршено.
Љубовта што ја чувствував ме преплавуваше и цел месец живеев во некој благослов. Не можев да престанам да мислам на неа. Ја гледав кога ги затворав очите и со часови ја гледав како спие навечер.
Но одеднаш, од никаде, станав многу депресивен.
Тоа што за мене ќерка ми беше најсовршеното нешто значеше дека јас никогаш нема да бидам доволно добар за неа. Немав постигнато доволно, не бев доволно силен.
Овие негативни мисли почнаа да излегуваат од контрола. Имав и суицидни мисли.
Се сеќавам на едно утро кога седев со ќерка ми која имаше околу шест недели и ѝ го држев рачето.
Беше многу рано, сонцето само што изгреваше. Ѝ ги гледав малите прстиња, ги фаќав едно по едно и им се восхитував.
Истовремено, не можев да престанам да мислам дека треба да се убијам, дека нејзе ќе ѝ биде многу подобро без мене.
Колку повеќе се влошуваше депресијата, толку повеќе се изолирав.
Не сакав да ѝ бидам товар на партнерката бидејќи таа и онака имаше премногу обврски. Па, не ѝ кажав низ што минував.
Мојата способност да се справам со депресијата го промени начинот на којшто се гледам како татко и сопруг.
Многу членови на семејството од страна на мајка ми имале депресија и се сеќавам на битката на мајка ми.
Ја следеше како дух целиот живот.
Бидејќи во детството гледав како мајка ми страдаше од депресија, се заколнав дека ќерка ми нема да го доживее тоа.
Молчев и се убедив дека молчењето го правам од љубов. Но, на крај, поради тоа се изолирав уште повеќе.
Има многу студии за постпородилна депресија кај жени. Сепак, академиците имаат истакнато дека депресијата кај татковците за време на и по бременоста не се доволно истражени.
Група истражувачи во 2022 година ја нарекоа „тивка пандемија“ и некои студии покажуваат дека еден од десет татковци страда од постпородилна депресија и анксиозност.
Овие истражувања ми помогнаа да станам пообјективен за моите чувства. И други татковци минувале низ истото како јас, дури и ако не ги познавав лично.
Почнав да се борам со болеста, побарав помош од лекар и почнав да трчам секој ден за да го зголемам лачењето на ендорфини.
Постепено ѝ се отворав на партнерката, но начин на којшто ми беше удобно, без да ѝ создавам многу притисок.
Ми помогна и тоа што само се грижев за ќерка ми, без да се грижам што значи да се биде татко.
Само јас можев да ја заспијам, па секоја вечер ја држев во раце и ја нишкав до доцна во ноќта.
Сфатив дека никогаш нема да бидам совршен родител, но дека можам да го дадам најдоброто од мене.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





