Исповед на очајна мајка: „Со часови го успивам бебето, а сопругот се враќа од излегување и вика на цел глас – го буди“
„Му пишав порака на сопругот дека бебето спие, а тој од излегување дојде и викаше на цел глас да станам“ – раскажува една мајка од Англија на форум. Во коментарите жените тврдат дека тој се обидува да ја манипулира и контролира, па потребно е веднаш да му се спротивстави. Што мислите вие?
Секоја мајка на мало бебе знае колку се тешки првите месеци од животот на бебето. Постојано будење, неспиење, хранење доцна навечер додека очите ти се затвораат... И во тие мигови поддршката и помошта од партнерот е најважна.
И додека многумина на нашите простори знаат да речат дека само балканските мажи се незаинтересирани за одгледувањето на децата, очигледно ова не е случај само кај нас. Тоа се случува секаде во светот.
Една анонимна жена го сподели својот проблем на британската мрежа за мајки Mumsnet, а во однесувањето на нејзиниот сопруг многумина препознаа однесување на манипулатор, кој сака да ја контролира:
„Јас и сопругот имаме петмесечно бебе, кое воопшто не сака да спие. Секогаш јас сум таа што го успива бебето (и што извршува 90% од сите други родителски обврски, но претпоставувам дека тоа воопшто не е важно).
Мојот најголем проблем е што откако ќе поминам по еден час во успивање на бебето, сопругот од долниот кат вика на цел глас само за да ме праша нешто.
Ова се случува неколкупати неделно и постојано го буди бебето.
По ова јас повторно се трудам да го успијам бебето, а сопругот си одмора сам и си ужива, секоја вечер. Ако не викнам веднаш за да му одговорам, тој повторно вика по мене. Вели дека викал затоа што мисли дека не сум го слушнала и за да провери дали нешто ми се случило.
Не сака да се качи по скалите за да провери дали јас и бебето сме заспале.
Кога му кажувам како се чувствувам тој само ги крева рамениците. Се случувало и да плачам затоа што сум преморена и потоа пак треба да го смирувам бебето“ - раскажува таа.
Мајката понатаму објаснува дека сопругот уште на самиот почеток кога се родило бебето не покажувал обѕири кон неа, па така една вечер кога се вратил од излегување доцна навечер ја треснал вратата и на цел глас почнал да вика и да ја бара.
„Претходно му пишав порака и му кажав дека конечно го успав бебето и дека сакам да поспијам малку пред да треба повторно да станам да го нахранам бебето и го замолив да биде тивок кога влегува, на што тој ми одговори: ‘Во ред, не е проблем’“ – раскажува таа.
Жената е очајна и вели дека ова се случува толку често што таа почнува да мисли дека сопругот тоа ѝ го прави намерно затоа што сака да ѝ го направи животот потежок и не сака да ѝ дозволи да спие.
„Сум разговарала со него и му го кажав сето ова што го пишувам, но никако не му влегува во глава. Не знам дали толку не може да ме разбере или не сака да одморам и убаво му е да ме гледа како се мачам со бебето. Што да правам?“ – прашува таа.
Според мајките, нејзиниот сопруг навистина сака да си поигрува со нејзините чувства и сака да ја контролира.
Дел од нивните коментари:
„Тој те манипулира тебе на најболен можен начин. Како може некој да биде толку глупав кога веќе си му пишала да биде тивок, па да дојде дома да ја тресне вратата и да вика“;
„Сакав да кажам дека е глупав, сѐ додека не напиша дека си го предупредила во порака да биде тивок, а тој дошол и викал низ цела куќа. Ова е сигурно чуден начин на манипулација“;
„Би му го дала бебето во раце и би му рекла да оди да го успие. Или тоа или ќе бидам подиректна со него, на луѓето треба некогаш да им кажеш директно каде грешат. Прашај го дали е глупав или се обидува да си игра со тебе...“;
„Искрено, би размислила да ставам крај на врската заради вакво однесување, а јас сум мошне толерантна личност“ – стои во дел од коментарите.
Што мислите вие? Како вие би му посочиле на партнерот дека не треба да вика затоа што го буди бебето?
Б. С. Б. | Црнобело/фото: depositphotos.com