Босански психолог ги разгневи родителите со нејзиниот опис за „токсични мајки“: „Изгледа многумина се препознаа“
„Јас ти дадов сѐ, а ти така ми враќаш“, „Ќе видиш како е кога ќе имаш свое дете“... Овие реченици според психологот Данијела Остојиќ ги изговараат токсичните мајки кои се несреќни, па се „истураат“ врз детето. Што мислите вие, дали само токсичните мајки ги изговараат овие реченици?
Босанскиот психолог Данијела Остојиќ има долгогодишно искуство во работата со деца и адолесценти, а позната е и по тоа што честопати споделува совети на Инстаграм за воспитувањето на децата.
Таа најчесто укажува каде грешиме како родители, но нејзиниот опис на „токсични мајки“ наиде на голем број критики.
„Кои се токсични мајки? ‘Јас ти дадов сѐ, а ти така ми враќаш!?’, ‘Што сѐ проживеав заради тебе...’, ‘Ќе видиш како е кога ќе имаш свое дете’, ‘Заради тебе сум тажна и несреќна’, ‘Ако продолжиш така ќе ми го скршиш срцето’ и ‘Должен си да се грижиш за мене кога ќе остарам, затоа што јас се грижев за тебе додека ти беше мал’.
Ако некогаш сте слушнале вакви и слични реченици, мора да знаете дека тие се одраз на оној што ги изговара, а никако ваша одговорност“ – вели таа во нејзиното видео, што предизвика лавина коментари на социјалните мрежи.
https://www.instagram.com/reel/CqfWGyNDRmn/
Во описот Данијела даде пообемно објаснување дека нема потреба да се чувствувате виновни без разлика дали сте мајка или дете.
„Потребна ни е едукација, свесност и сознание зошто нешто правиме и како да го поправиме тоа што не е добро.
Сите токсични мајки некогаш биле деца. Тоа што го зборуваат се нарекува трансгенерациска траума.
Бидете мајка што ќе ја прекине траумата. Немојте да бидете мајка што ќе ја продолжи траумата“ – вели таа.
Нејзиното видео наиде на голем број коментари од нејзините следбеници - додека некои сметаат дека нејзините тврдења се смешни и неоправдани, други велат дека критичарите најверојатно се пронашле во описот.
„Како може некој да ја нарече мојата мајка ‘токсична’ ако некогаш изговорила нешто такво? За мене тоа нема никаква поврзаност и не би сакала таа да се чувствува лошо само затоа што го видела ова видео, затоа што беше најдобра мајка на светот. Жал ми е за децата и мајките што мислат дека ова видео е коректно“;
„Ова воопшто не е точно госпоѓо. Мајката е светица, ако изговори такво нешто, тоа значи дека нејзиното дете многу ја повредило и ја навредило со зборовите“;
„Според ова 98 отсто од родителите не се добри. Значи не ги бивало ниту нивните родители“;
„Тоа го слушам секој ден од свекрвата, како го изговара на син ѝ... Јас имам деца и се трудам тоа да не ми се случи и мене“;
„Го доживеав сето тоа од мојата мајка. Тоа сѐ остави траг врз мене. Јас не барав да бидам родена“;
„Не ја разбирам потребата од негативните коментари. Освен ако не се чувствувате длабоко во себе повикани/виновни/исфрустрирани, односно ако знаете дека не го давате најдоброто од себе“ – стои во дел од коментарите.
Што мислите вие? Се сложувате ли со ставовите на психологот?
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: freepik.com