Што не смеете да пропуштите при посета на Софија?
Доколку решите да го посетите нашиот источен сосед, или главниот град на Бугарија, Софија, мора да направите убава листа на активности кои треба да ги исполните, како би можеле во целост да го почувствувате градот и сè што може истиот да понуди.
Најчесто младите одат за забава, шопинг и концерти, а постарите за посета на историските споменици кои живеат илјадници години. Името на градот означува мудрост и ова име, а Софија го носи уште од 1376 година. Се смета за еден од најстарите градови во Европа со историја долга околу 7000 години.
Градот е многу сличен на Скопје, темпото на живот можеби за нијанса порелаксирано. Софија изобилува со убава архитектура, особено од времето на стариот град Сердика кој најмногу може да се почувствува по софиските улички.
Некогашниот Колосеум и античката Сердика се топ знаменитости кои вреди да се посетат.
„Не можеш да се изгубиш во Софија, сите патишта водат кон Витошка”, велат и вистина е. Целата улица е пешачка зона и луѓето се движат спокојно по неа од центарот во правец на планината Витоша и обратно.
Чаршиски муабет, случајна средба, состанок со саканата, постојано ќе среќавате расположени млади и стари лица кои повеќето ќе посведочат дека токму оваа улица се смета за срцето на Софија.
Малите улички во Софија сведочат за преплет на минатото и сегашноста каде што поминуваат трамваи и тролејбуси, додека парковите изобилуваат со зеленило, мир и спокој.
Борисовата градина е еден од најубавите паркови во градот.
Во самиот центар се наоѓа единствената останата џамија Бања Баши која е споменик на културата, но затоа пак Софија изобилува со мноштво цркви.
Позначајни се црквите Свети Јурај, Света Софија, руската црква Свети Николај и, секако, најголемата и најубавата Александар Невски која е позната и како Златната црква.
Во строгиот центар на Софија се наоѓа и синагогата, која е втора по големина во Европа.
Фудбалскиот стадион „Васил Левски” е еден од најголемите стадиони во Бугарија. Покрај спортистите, овој стадион го користат и многу познати светски групи и пејачи за концерти на кои доаѓаат млади од целиот регион.
Кога ќе седите во некоја од софиските кафеани, шетате по улиците и парковите или разговарате со луѓето, сигурно и вие ќе ја засакате Софија.
Градот е посебен, полн со приказни кои не можат до крај да бидат раскажани. Треба да ја доживеете својата приказна во Софија, затоа слободно спакувајте ги куферите и создајте нови спомени.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М.У.Т. | Црнобело
фото: pexels.com / pixabay.com