„Работам на крузер повеќе од 7 години – што треба да знаете ако првпат одите на вакво патување?“
Клучот од собата е најважниот предмет, а ако не ги вратите крпите од базенот, можно е да платите казна.
Ерика де Паскал работи на крузер повеќе од седум години, па од неа можеме да научиме многу за овие патувања.
Ерика ги има забележано најчестите грешки што ги прават патниците кои првпат одат на вакво патување, па за Insider споделува неколку совети.
Што треба да знаете ако првпат одите на патување со крузер?
Добро проверете што ви е вклучено во цената
Иако во цената се вклучени многу работи, препорачливо е да проверите кои услуги ви се бесплатни на бродот.
Ерика истакнува и дека многу луѓе мислат дека за некои услуги треба да доплатат, кога всушност им се покриени со сумата што веќе ја платиле.
Клучот од собата ви е најважниот предмет
Ерика вели дека картичката која служи за отклучување на собата е најважниот предмет бидејќи таа е и ваше средство за идентификација, но и „билет“ за слегување и качување на бродот на пристаништата.
Што значи, пробајте да не ја загубите.
На првиот ден можно е да имате вежби за безбедност
Кога станува збор за безбедност, ништо не смее да се остави на случајноста.
Поради ова, голема е веројатноста на првиот ден од патувањето да имате предавања и вежби за безбедност на брод.
Може да платите казна ако не ги вратите крпите од базенот
Слободно можете да ги користите крпите што ги нуди крузерот, но ако не ги вратите до крајот на патувањето, ќе треба да ги платите.
Ерика вели дека најчесто гостите ги забораваат на лежалките, но ова не значи дека се вратени.
Затоа, потрудете се секојпат да ги враќате од кај што сте ги зеле.
Бакшишот се наплаќа автоматски
Бидејќи е очекувано да им давате бакшиш на вработените, од крузерот ви прават услуга и си го наплаќаат автоматски од вашата картичка.
Важно е да знаете дека можете да ја промените сумата или да ја тргнете оваа опција доколку сакате да давате бакшиш на рака.