Италијански фотограф: „Македонија не ми беше дури ни на листата на првите 50 земји кои сакам да ги посетам - но бев и ми се допадна“
„За време на посетата немав никакви проблеми и искрено во Скопје се чувствував побезбедно отколку во Милано. Да се оди во Македонија не е само одење на одмор, туку е како да патувате назад во минатото. И во некои места чувствувате како времето да запрело...“, раскажува италијанскиот фотограф Фабио Нодари за посетата на Македонија. Кои се неговите искуства од тука?
Фабио Нодари е италијански патувачки фотограф, кој моментално живее во Кина.
Неговите патувачки авантури и спонтаност случајно го довеле и во Македонија и на својот блог, тој открива каков впечаток му оставила нашата татковина.
Дел од неговите впечатоци за Македонија:
„Македонија е убава земја на Балканот, која уште не е доволно испромовирана кај туристите.
Оваа земја дефинитивно никогаш не беше на мојата листа на земји кои сакам да ги посетам, а не ми беше дури ниту во првите 50.
Па, како завршив во авион за Скопје?
Да бидам искрен, уште не знам. Во рок од неколку минути од гуглање на интернет се префрлив на плаќање на нискобуџетен лет од Милано за Скопје, без воопшто да помислам дали навистина вреди да одам таму.
Но, за мене една од најдобрите работи е патувањето и посетувањето на места за кои не знам многу. И ова е тешко во време кога на интернет сè ни е достапно и можеме виртуелно да ги посетиме сите земји и тоа без да мрднеме од нашиот дом. Но, Македонија сè уште е непозната земја за поголем дел од луѓето.
И да гуглате нема да пронајдете многу информации за што да посетите, покрај главниот град. Само помислите колку луѓе знаете што ја посетиле Македонија?
Првото што го открив и ме воодушеви е дека Македонија е многу евтина земја, во споредба со другите европски земји. Во просек, може да поминете со 15 евра од ноќ во поскромен хотел и можете да јадете во центарот на Скопје за 6/7 евра.
Во Скопје ќе ги јадете најдобрите ќебапчиња на Балканот.
Да бидам 100% искрен, ова не е моја прва посета на Македонија. Во 2011 година за време за соло патување во Грција, го посетив малото место Дојран во Македонија, но само на неколку часа.
Во Македонија, ако ги исклучиме Скопје и Охрид, останатиот дел од земјата е неистражена туристичка дестинација.
Луѓето се добри и пријателски настроени. Нешто што е реткост во познатите туристички дестинации. Некогаш дури имате чувство дека не сте во Европа.
Македонија има централна поставеност, низ неа минува реката Вардар и има многу планини. Скопје не е многу голем град и еден ден е доволен за да го посетите стариот град (чаршијата) и центарот на градот.
Охрид е на само 3 часа возење од Скопје и мора да го посетите, затоа што посетата на Македонија не е комплетна без Охрид.