Бродски дневник на Ивана: „Од Скопје дојдов пак на брод – 14 дена карантин со лоша храна, но добро плаќаат“

По година и пол пауза од работата на брод и живеење во Бразил далеку од моите во Скопје, се вратив повторно во мојот пловен дом. Пред да започнам со работа на бродот, имам задолжителен карантин во кабина, за среќа заедно со сопругот. Како изгледа тоа, прочитајте во продолжение... 

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-01.jpg

По речиси година ипол на копно конечно се вратив во мојот пловен дом… Ах само колку ми недостасуваше таа голема бела лименка која е во непрекината борба со брановите и морската шир, доминирајќи над нив со сета своја големина и сила.

А таа лименка која јас гордо ја нарекувам дом е навистина голема, цел мал пловен град, луксузен и елегантен за гостите кои плаќаат и по илјадници евра за седумдневно крстарење со сите привилегии и едноставен и удобен за вработените кои заработуваат и по неколку илјади евра за својот труд задоволувајќи ги сите разумни и неразумни, да не речам луди побарувања од гостите.

Светската пандемија која го наруши нормалното живеење силно ја удри бродската индустрија, па луксузните пловни хотели останаа закотвени низ светските пристаништа.

По многу месеци поминати со спуштено сидро бродовите конечно се вратија на отворено море со портите ширум отворени за храбрите гости, но и екипаж.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-02.jpg

Храбри, бидејќи крстарењата не се она што беа, тие го задржаа сиот свој сјај, но изгубија дел од возбудата, авантурата и дефинитвно забавата со сите нови правила и протоколи за крстарење во ек на пандемија.

Но, и покрај сите нови стандарди и процедури за ефикасно функционирање и заштита, животот на брод е интересен, иако, сега, во овие услови не е воопшто лесен.

Карантин на брод… Една кабина и мал балкон

Прво правило за сите вработени кои сакаат да се вратат на брод е да поминат 14 дена во карантин по нивното пристигање на крузерот.

Компанијата за која работат има закотвено брод од средна класа во Џенова кој служи како карантински хотел за екипажот. Прво секој член доаѓа тука и поминува 14 дена, а потоа прават трансфер на бродот кој ќе биде нивен дом во следните 6 до 8 месеци. 

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-03.jpg

Задолжителна е и вакцина за сите вработени, па оние кои не ја примиле дома, ја добиваат тука.

Јас имав огромна среќа мојот карантин да го поминам со сопругот. Јас стигнав на брод малку после полноќ, а тој во 4 утрината. Првата ноќ ја поминавме разделени, а следниот ден, откако им ја покажав венчаницата и сертификатот за примена вакцина, ни дозволија да сме заедно во кабина.

Ми падна камен од срце… Баш ми беше страв и малку паника од помислата да бидам сама 14 дена. Но, понекогаш иако сме заедно, карантинот си го зема својот данок.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-05.jpg

Не можам ни одблиску да замислам како им е на нашите соседи, сами во четири ѕида. Барем имаме бесплатен интернет, но тој е толку спор што ни едно видео на ТикТок не може на раат да се изгледа. Ние купивме сим картичка со 20GB па барем да можеме да се чуеме со блиските, а јас да пишувам.

Во овој карантин одлично друштво ми се книгите на Џулија Квин и сите драми и романси на членовите на фамилијата Бриџертон, додека мојот сопруг „времето го тепа“ со хероите на Марвел и манга.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-14.jpg

А да, и учиме заедно италијански, малку продуктивност меѓу многуте часови правење ништо, обиди за вежбање, малку озборување и празни муабети со соседите од блиските кабини и срдечно мавтање на гостите од бродовите кои секојдневно поминуваат крај нашиот закотвен брод.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-04.jpg

Лоша храна, но дојдовме подготвени

Најлошото во овој карантин на брод е храната, иако се три оброци дневно и секогаш на време, изборот е прилично сиромашен и без вкус. Пред некој ден бев среќна што добив киви за вечера.

Дефинитвно појадокот е најлош од сите, секој ден исто мени, парче леб, варено јајце, мало парче кашкавал и две благи печива. Понекогаш како на лотарија добиваме по некое саламче.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-06.jpg

Ручек и вечера секој ден ориз i некој вид на паста со месо или риба. Пастата се јаде, често е добра, со едноставен доматен сос и ориз без сол.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-07.jpg

Ама, бидејќи наши колеги веќе го поминаа карантинот знаевме дека храната и не баш сјајна, па дојдовме подготвени со сол, чили сол, бразилска фарофа – вид на додаток за ориз, еурокрем, кој е наш спасител, нудли за брза помош и многу слатки и грицки. И секако кафе, многу кафе, и наше и негово.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat15.jpg

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-08.jpg

Успеав да го прошверцувам малиот електричен бокал за вода, кој нормално не е дозволен, па секој ден уживам во моето слатко превриено кафенце и зајдисонце на море.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-12.jpg

Како добри соседи ги поделивме зачините со оние до нас, преку балкон, а на Индиецот баш му се допадна македонското кафе, само не стигнав да му гледам од филџан.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-09.jpg

Муабет преку балкони

Балконот е место за свеж воздух и вечера на зајдисонце и секако надвикување со колегите и пријателите од другите кабини.

Ние сме двајца, ама многу други немаат со кого да си разговараат, па секоја вечер мала балконска забава, многу шеги смеа.

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-10.jpg

Се веат знамиња од различни држави, од различни краеви, но со иста цел и на иста мака. Секој се обидува да му биде поддршка на другиот без разлика на позицијата, бојата на кожата и националноста.

Нашиот брод е закотвен, секојдневно поминуваат крузери, а ние среќни, како затвореници кога имаат посета, им мавтаме и испраќаме бакнежи.

Карантинот има броени денови кои брзо поминуваат, но тешкото доаѓа потоа, осум месеци без копно, постојано со маски и дезинфекции… но, секогаш треба да гледаме на светлата страна, па барем карантинот ни е платен како да работиме, па жртвувањето ни е добро платено.

За тоа како ќе биде крстарењето и работата на брод во време на пандемија, ќе ви напишам наскоро... 

brodski-dnevnik-na-ivana-od-skopje-dojdov-pak-na-brod-14-dena-karantin-so-losha-hrana-no-dobro-plakjaat-13.jpg

Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Заради пандемијата, година ипол живееше во Бразил, а по долга пауза повторно се врати да работи на брод. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод - тековни и минати случувања.

Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: приватна архива И. Ј.

Би можело да ве интересира:

Бев на одмор во Грција во средината на септември - Зошто ми се допадна летувањето на крајот од сезон... Единствената лоша страна на летувањето вон сезона, на крајот на септември, е тоа...
Коктел 15 евра, грчка салата 10 евра: Како се движат цените на Tigania, една од најубавите плажи на ... Плажата позната како „грчки Кариби“ е меѓу најскапите на вториот крак, а храна и...
Локал близу IKEA во Солун со коктел бар, плажа и детско игралиште - за со друштво или со деца (фото)... На излезот од Солун, во близина на IKEA се наоѓа Ergon Agora, уникатен локал кој...
Паролдо: Вошебно италијанско село во кое се верува дека живеат вештерки (фото) Паролдо има околу 230 жители, а постојат легенди дека во волшебното село живееле...
Кафе и лежалка 4 евра, гиро 4 евра – Како се движат цените на плажа во Неи Пори во 2024? По празникот Духовден и споениот викенд, туристите во Неи Пори велат дека веќе г...
Фотки поради кои ќе посакате веднаш да отпатувате во Швајцарија Зеленило, планини и селца кои изгледаат како од некоја бајка – Швајцарија дефини...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg